Текст: Основни предуслови за разбирање на јогиското учење | Автор: Стеван Милиќ
Самскари – траги во свеста
Самскарите се впечатоци во свеста, создадени како резултат на претходни дејствувања и желби. Секое дејствување и ментална состојба во свеста остава траг кој поттикнува волева акција и на тој начин постојано се зголемува бројот на самскарите.
Самскарите се активираат во погодни услови, во форма на вритија, промени во текот на менталните активности, кои од своја страна автоматски создаваат нови латентни можности – самскари. Самскарите постепено се засилуваат и стануваат навика, со дејство на слични вритија, чие траење зависи од силата и траењето на самскарите. Тој затворен круг на вритија и самскари е причина за последователните раѓања и умирања – самсара, и корен е на сето постоење.
Самскарите можат да бидат вродени и стекнати. Вродените самскари се создадени во претходните животи, а стекнатите се резултат на однесувањето и состојбите на свеста во тековниот живот. Самскарите кои се манифестираат во тековниот живот се похранети во свеста во форма наречена прарабда.
Самскарата е семе кое се задржува во свеста сè до конечното ослободување. Отстранувањето на самскарите се постигнува со „согорување“ на причините за страдање – клешите, со отстранување на незнаењето и сите негови последици. Така се постигнува врвно знаење – праџна, и слобода – каивалја.
Васани – желби, впечатоци
Васаните, обично, се дефинираат како желби во латентна состојба, кои имаат тенденција да се манифестираат во одредени поволни услови, низ сеќавања на искуствата од минатите животи, а се создаваат со созревање на плодовите од нашето дејствување. Васаните се похранети во свеста – чита, која опстојува низ сите животи – инкарнации и го задржува сеќавањето на разни искуства во форма на латентни можности и впечатоци. Чита е подлога на васаните, а потпора на васаните се разни објекти на спознавање и уживање.
Васаните се без почеток и постојат од самото раѓање како резултат на нагонот за самоодржување и стравот од смртта. Васаните можат долго време да бидат „заспани“, но бидејќи имаат тенденција да се манифестираат, тие ќе се појават во сеќавањата како желби или како чин на свесност, во разните движења во свеста. За да се манифестираат, на различни васани им се потребни различни услови и околности и затоа само ограничен дел од васаните може да се изрази во еден живот.
Патанџали, во Јогиските сутри, вели дека постоењето на васаните го овозможуваат нивната причина (желба за живот), последица (созревање на плодовите на кармата), внатрешна потпора (севкупниот фонд на свеста), и надворешна потпора (во вид на објекти од надворешниот свет). Кога овие поддршки ќе исчезнат, исчезнуваат и васаните. Васаните, како и самскарите, во согласност со наследениот фонд на кармата, го условуваат однесувањето и состојбата на свеста на секој поединец. Тие се причина за повторни раѓања и се пренесуваат преку суптилното тело – сукшма-шарира.
Клеша
Терминот клеша во јогата има значење на мака и болка, но често се преведува и како причина за страдање. Во контекст на духовната практика и напредок, коментаторот на Јогиските сутри, Вјаса, ги толкува клешите како пречки, и вели дека тие се пет видови заблуди – випарјаја. Клешите се коренот на карма-ашаја, односно на „кармичкото семе“ кое создава искуства во тековниот или во идните животи.
Постојат пет вида клеши кои меѓусебно се поврзани, во смисла дека една води кон друга, а сите заедно никнуваат и виреат на почвата на првата – авидја.
Авидја е незнаење, заблуда која минливото – анитја го смета за трајно, нечистото – ашучи за чисто, болното – дукха за пријатно, а несебството – анатман за себство – атман. Во тој контекст има коментатори, кои велат дека авидјата не е незнаење, туку одреден вид знаење кое е спротивно на вистинското знаење.
Авидјата го смета реалното за нереално, а единството на оној кој сознава, самото сознавање и објектот на сознавањето ги гледа како засебни. Авидја или со други зборови аџнана, на космичко ниво се нарекува маја.
Асмита е индивидуална свест, која се раѓа кога моќта на увидување се поистоветува со средството за увидување, односно кога душата, која увидува, се поистоветува со средствата за увидување, умот и сетилата. Тоа поистоветување ја создава свеста за постоењето на „јас“ – асмита.
Рага се преведува како страст или копнеж. Тој копнеж нè врзува за објект кој ни овозможува уживање врз база на претходно доживеаното искуство на уживање и сеќавањето на него. Во еден поширок контекст, тоа можат да бидат луѓе, ситуации или објекти кои ни овозможуваат одредено уживање или благосостојба.
Двеша подразбира одбивност или на поизразено ниво, гадење, предизвикано од сеќавањето на доживеаната болка и на објектот што ја предизвикал болката. Како и во случајот на рага, во поширок контекст, болката, освен објекти може да ја предизвикаат одредени луѓе или ситуации. Гледајќи ги двете клеши заедно, може да се каже дека двеша е рага во негативна смисла и дека тие заедно сочинуваат пар на спротивности. Се чини дека нашите животи наликуваат на клатно на ѕиден часовник, затоа што постојано се движиме од едната до другата клеша.
Абинивеша е човечката вродена приврзаност за животот, па затоа има и значење на страв од смртта. Оваа клеша не одминува никого, дури ни најмудрите. Во секој човек се присутни надежта и копнежот за долг живот. Но свесноста за јасното и постојано присуство на смртта околу нас, и заминувањата на луѓето во нашето опкружување, особено саканите, создава во нас исконски страв од смртта и приврзување за животот.
Кога клешите се активни, тие го зајакнуваат дејстувањето на гуните и го поттикнуваат причинско-последичниот тек, или законот на кармата. Бидејќи меѓусебно се поврзани и произлегуваат една од друга, тие заемно влијаат на зреењето на кармичкото семе. Сè додека клешите се активни, ќе има и создавање на добра или лоша карма, која понатаму ќе влијае на идните инкарнации – на раѓањето, на обликот на животот, на неговото траење и на видот на животните искуства. Клешите можат да егзистираат во четири различни форми:
- заспани – прашупта, се клешите кои се притаени во свеста, бидејќи нема активатори – предмети или услови кои би довеле до нивно будење;
- истенчени – тану, се клешите кои низ јогиската практика се сведени на минимум, иако поттикнати од соодветен активатор можат да станат активни, но ќе се изразат во блага форма;
- привремено запрени – вичина, се клешите кои се привремено потиснати од активноста на некоја друга клеша. Таквата состојба е променлива, во зависност од интензитетот на активноста на поединечните клеши;
- активни – удара, се клешите кои се потполно активни во однос на одреден објект.
Овде е важно да се напомене дека клешите истовремено можат да бидат заспани во однос на некој објект, да бидат истенчени во однос на друг објект, да бидат привремено запрени во однос на трет или потполно активни во однос на четврт објект.