Текст: Основни предуслови за разбирање на јогиското учење | Автор: Стеван Милиќ
Чита
Вообичаеното значење на терминот чита е да се перципира, да се разбере. Чита уште се преведува и како мисла, психа, ум, свест, и еден е од клучните термини во разбирањето на класичната јога. За Патанџали, чита е првиот продукт во еволуцијата на пракрити и нејзин највисок облик, кој ги опфаќа – буди, манас и асмита – свеста за себе, односно ахамкара. Во тој контекст, чита се користи како заеднички термин за многу психички процеси. Патанџали често го користи изразот буди, како синоним за чита, а самкја, пак, го користи терминот антакарана, која по функција и одговара на чита.
Се смета дека чита е седиште на безброј искуства, кои се резултат на нејзиното дејствување и се наоѓаат во форма на самскари, васани и смрити. Нивното активирање и комбинирање е причина за различни психолошки феномени, модификации и состојби на свеста. Од нив, од гледна точка на јога, најважни се пет видови флуктуации наречени чита-врити или ментални вртлози. Тоа се: правилно сознание – прамана, погрешно сознание, заблуда – випарјаја, концептуализација или фантазија – викалпа, спиење – нидра и сеќавање – смрити. За напредок и постигнување на повисоки состојби на свеста, неопходно е запирањето на вритијата.
Во Татва-ваишради, за чита се зборува како за огледало во кое се рефлектира светлината на себството – душата. Тоа кажува дека чита, сама по себе не е свесна, туку станува свесна низ одразот на душата која ја осветлува, и тогаш се чини дека чита изгледа како субјект на спознавање. Впрочем, низ чита, душата, како набљудувач, искуствено го доживува материјалниот свет. Дејствувањето на чита остава траги во свеста кои се причина за повторни раѓања во текот на самсарата.
Целта на јогата е низ контрола и совладување на дејството на гуните, постепено да ги запре трансформациите на чита. Кога ќе се ослободи од постојаните промени и целосно ќе ја запре активноста, чита влегува во состојба наречена самапати, во која го поприма обликот на објектот кој ѝ се дава, и станува она што се спознава, она кое што спознава, како и самиот чин на спознавање. Тогаш чита станува чиста како душата, а душата станува свесна за својата вистинска форма – сварупа. На тој начин, душата се ослободува од врската со чита и пракрити, и достигнува ослободување – каивалја.
Чита може да се јави во пет модалитети – буми:
- кшипта – немирна и растргната од страсти, под влијание на раџас;
- муда – замаглена, под влијание на страсти и промени во состојбата на сонување, кога преовладува тамас;
- викшипта – збунета и повремено стабилна, кога избегнува болни, а бира пријатни активности;
- екагра – чита сосредоточена на една точка со практика на медитација. Тогаш причините за страдање – клешите, и незнаењето се „истенчени“ – намалени, под влијание на сатва;
- нирода – чита која е скротена и смирена, во која вритијата се запрени и преостануваат само самскарите.
Врити
Терминот врити, во смисла на активност, промена, преобразба или обрт, се однесува на текот на менталните содржини во чита, и оттаму доаѓа изразот чита-врити, или обрти во свеста. Сите видови знаење, мисли, состојби на свеста, ментални слики, сите вообичаени свесни активности се вритија. Тие се разновидни и неограничени, а Патанџали ги дели во две групи: болни – клишта и безболни – аклишта. Болните вритија се создаваат од клешите и претставуваат подлога за формирање на кармички остаток – карма-ашаја, кој го води човекот во повторно раѓање, во нова инкарнација.
За Патанџали, сите искуства, и болните и оние кои вообичаено изгледаат или се сметаат за пријатни, всушност се болни, затоа што и пријатните искуства во себе содржат потенцијално страдање. Аклишта се искуства базирани на вистинско знаење, кои не подлежат на влијанието на гуните. Инаку, болните искуства остануваат болни дури и ако се појават меѓу безболните. Понатаму, болните и безболните исуства, Патанџали ги распределува во пет групи.
Првата група е правилно знаење – прамана, поврзано со факти, стекнато низ сетилата, низ посреден или непосреден контакт со некој објект од надворешниот свет. Сознанието стекнато на овој начин, одговара на вистинската природа на објектот. Постојат три извори на вистинско сознание. Првиот е непосредна перцепција – пратјакша, сознание кое е резултат на непосреден контакт со некој објект, со посредство на сетилата, и се состои од спознавање на општите и посебните карактеристики на објектот. Вториот извор е заклучок или негово изведување – анумана, сознание до кое се доаѓа врз база на претходно знаење на одредени карактеристики на објекти, и спознавање на објекти кои имаат такви особини. Третиот извор е доказ, сведоштво – агама. Тоа е чита-врити, кој се создава во соговорникот кога некоја личност, со зборови му соопштува сознание за некој објект, до кое дошла по пат на перцепција или заклучување.
Втората група чита-врити, випарјаја, означува неточен поим, или заблуда. Овие вритија ги опфаќаат менталните слики кои се формираат низ непосреден сетилен контакт со некој објект од надворешниот свет, при што создадените ментални слики не одговараат на карактеристиките на тој објект. Випарјаја е честа појава и се создава секогаш кога не постои врска помеѓу создадениот поим, претстава за објектот и неговата вистинска природа.
Замислување – викалпа, е третата група чита-вритија кои не се резултат на посреден или непосреден контакт со некој објект од надворешниот свет, туку се резултат на соопштени зборови кои не се базирани на факти.
Спиењето – нидра, се чита-вритија кои како содржина на свеста – пратјаја имаат нешто непостоечко – абава. Вјаса, овие вритија ги опишува како присуство на одреден вид содржини во свеста, бидејќи по будењето постои сеќавање на нив. Сеќавањата на содржините во свеста, во длабок сон, се појавуваат во три форми, во зависност од тоа дали покрај гуната тамас, која преовладува во сонот, биле активни останатите две гуни. Сонот во сеќавање ќе остане како тежок, ако преовладувала тамас, немирен, ако имало примеси на раџас, и пријатен доколку имало примеси на сатва.
Сеќавањето – смрити, е задржување на објект од некое претходно искуство, со помош на самскари. Сè додека впечатоците се во форма на потенцијал, тие не се чита-вритија; стануваат чита-вритија дури откако ќе се претворат во ментални слики.
Смрити се чита-вритија кои се формираат исклучиво врз база на минати искуства, а извор им се сите пет вида чита-вритија.
Индрија – моќ, способност
Индрија значи способност за спознавање со помош на сетилата, и за дејствување со помош на органи и екстремитети. Според самкја, индриите се развиваат од ахамкара, кога доминира сатва, и ги има десeт. Првата група се т.н. џнана-индрии и ги означуваат петте способности на спознавање поврзани со одредени сетила: слух – уво; допир – кожа; вид – око; вкус – јазик; мирис – нос. Втората група се петте т.н. карма-индрии, и означуваат способност на дејствување: говор – грло и јазик; сексуалност -половите органи; екскреторни функции – соодветни органи; фаќање – раце; движење – нозе.