Текст: Основни предуслови за разбирање на јогиското учење | Автор: Стеван Милиќ
Пуруша – дух, душа, себство, набљудувач – драштр
Првобитното значење на терминот пуруша било – човек, космичка душа, извор на универзумот. Пуруша е движечкиот принцип во човекот, и првиот принцип во еволуцијата на свеста според филозофијата на самкја. Како издвоена, самостојна единка на свесност, пуруша е непристрасен, пасивен набљудувач и сведок – сакшин, спротивставена на материјата – пракрити и нејзиниот севкупен развој. Пуруша не е ни причина ни последица, ниту создава, ниту е создадена, но кога пракрити ќе се спои со неа, пракрити почнува да го создава појавниот свет. Притоа, пуруша не ја менува својата трансцендентална природа; нејзината вечна свест останува непроменлива сцена за променливиот свет на просторот, времето и причината. Пуруша е набљудувач – драштр, а она што е набљудувано е пракрити или дршја.
Улогата на пракрити е да ѝ овозможи искуство на пуруша. Нивната врска е причина за вечниот круг на раѓање и умирања – самсара. Пуруши има многу, а пракрити е една и заедничка за сите. Спојувањето – самјога на пуруша и пракрити е резултат на метафизичкото незнаење – авидја, кое води до создавање на останатите причини за страдање – клеши. Пуруша го остварува искуството така што со својата светлина ја осветлува спознајната свест – чита. Одразот на така осветлената чита, кај пуруша создава впечаток дека таа доживува разни состојби на свеста, иако всушност пуруша останува слободна и недопрена. Врската помеѓу пуруша и пракрити не е трајна, и ѝ овозможува на пуруша да стекне искуство, а потоа и одвоеност од пракрити и слобода – каивалја, а на пракрити ѝ овозможува да ја развие својата вистинска природа.
Одвојувањето на пуруша од пракрити се постигнува со надминување на незнаењето – авидја за својата вистинска природа, низ спознавање – праџна и длабок дискриминативен увид – вивека кјати. Кога пуруша ќе ја спознае својата вистинска природа како различна од пракрити – свет кој е во постојан развој и опаѓање, тој свет за пуруша престанува да постои, и состојбите на чита веќе не ја допираат, иако тој свет продолжува да постои за оние пуруши кои не постигнале самореализација. Гуните, како дел од пракрити се повлекуваат и пуруша постигнува слобода и независност од пракрити.
Пракрити – почетна причина, првобитна материја, првобитен двигател, видливо, набљудувано – дршја
Според филозофијата на самкја, првиот принцип е душата, која и претходи на материјата. Пракрити е вториот принцип или еволут. Ја означува првобитната, основна енергија на создавањето, и во себе, како потенцијал, ја содржи севкупната материјална и психичка појавност. Пракрити има три основни својства, таканаречени гуни, и сиот појавен свет, всушност е интеракција помеѓу трите гуни во различни соодноси.
Перципирањето на појавниот свет се случува низ меѓусебното дејствување на петте основни елементи – бути и сетилните органи – индрии. Кога трите гуни се во потполна рамнотежа, пракрити не е манифестирана. Тоа е нејзина природна состојба, но истовремено во неа постои тенденција за дејствување. Тенденцијата за неманифестирање, гуната тамас, ги кочи тенденциите за манифестирање, гуната сатва, и дејствување, гуната раџас. Кога состојбата на рамнотежа ќе се наруши, почнува манифестирањето на појавниот свет и постојаната трансформација на гуните.
Причината за манифестирање на појавниот свет, лежи во спојувањето на пуруша со пракрити. Дури потоа, пракрити станува извор на сите нејзини трансформации.
Јогиската филозофија учи дека пракрити постои заради пуруша, со цел да ѝ овозможи искуство и истовремено да го поттикнува нејзиното ослободување. Кога пуруша ќе го постигне ослободувањето, пракрити се повлекува во однос на таа душа, но постои за други души, кои сè уште не се остварени. Исто така, пракрити доаѓа во допир со пуруша и заради развојот на силите присутни во пракрити, и кои како потенцијал го содржат целиот универзум на сите нивоа. Појавниот свет од пракрити се развива по одреден закон на трансформација. Тој развој се одвива низ дваесет и четири степени на манифестирање на татвите (основните категории во развојниот тек на појавниот свет), кои пак се манифестираат низ трите гуни. За душите се вели дека се дваесет и петтиот принцип. Штом пракрити излезе од состојбата на потполна рамнотежа на гуните, се појавува во форма на енергетска маса наречена махат според самкја, и буди во јога. Таа, под дејство на силата на еволуцијата, се трансфомира во самосвесна маса наречена ахамкара. Од ахамкара, развојниот процес се дели во две насоки: во свет на објективни и во свет на субјективни појави.
Под влијание на гуната сатва, од ахамкара се развиваат петте способности на спознавање – џнана-индрии, и разумот – манас. Под влијание на гуната тамас, се развиваат петте потенцијални елементи – танматри, кои се јадрото на материјалниот свет. Танматрите, со натамошно згуснување, во кое преовладува гуната тамас, создаваат атоми, молекули и груби елементи – бути. Овде е важно да се каже дека производот на секој степен на развој е посуптилен од наредниот, а погруб од претходниот.
Така, буди, ахамкара и петте танматри се последица на пракрити, и причина за понатамошно создавање, додека петте груби елементи – бути и единаесетте органи – манас, петте џнана и петте карма-индрии, се само последица, но не и причина за понатамошно создавање.
Гуна
Гуна обично се преведува како нишка или потка. Потки се попречни нишки кои се вткајуваат во основата при ткаењето. Оттука станува појасно толкувањето на самкја дека гуните се налик на основната граѓа на првобитната материја – пракрити, односно нејзини основни својства и квалитети. Или кажано на друг начин, гуна е еден од трите квалитети на пракрити, која е активен принцип на манифестираната енергија.
Кога гуните се во потполна рамнотежа, таа состојба се нарекува – тригуна самкја авашта. Нарушувањето на рамнотежата е причина за еволуцијата. Комбинираната активност на трите гуни е причина за создавање на сиот појавен свет.
Во секоја материјална или психичка појава, трите гуни: сатва, раџас и тамас, никогаш не се појавуваат одвоени. Тие постојат истовремено, но во различен сооднос. Кога една од нив доминира, таа го детерминира објектот или појавата, иако и другите две гуни се присутни. Гуните можат да се јават во безброј комбинации, но тие се нераздвојни и припаѓаат една на друга.
Сатва е гуната која најдобро ја изразува состојбата на битието – сат, и одговара на својството на свесност и откривање. Сатва е одговорна за рамнотежа. Тоа е квалитет на пракрити и тенденција нештата да ги задржат своите меѓусебни врски, откако тие веќе се воспоставени. Сатва е природен ред и закон во универзумот. На субјективен план, кај човекот, таа се манифестира како интелигенција, чистота, ведрина, отсуство на страв, добрина, разбирање и благост, бистрина на умот, моќ на самоконтрола, смиреност и урамнотеженост. Се вели дека ваквиот човек – сатвик, обично е со средна височина, има голема физичка сила и долговечен е. Се храни со блага и пријатна храна, млечни производи, житарки, овошје и одредени видови зеленчук.
Карактеристика на гуната раџас е активноста, и таа е причина за развој. Енергијата на оваа гуна ги поттикнува другите две гуни и предизвикува нештата да ја задржат тенденцијата за движење. Кај човекот оваа гуна се манифестира низ силни емоции и пориви, како што се непостојаност, незаситност во желбите, вознемиреност, изразена амбициозност, егоизам, завист, љубомора… Човекот кај кого доминира гуната раџас обично е висок, мускулест, со голема физичка сила. Во однос на храната, обично консумира лута, горчлива, кисела и солена храна, која вклучува месо, риба, зеленчук, печурки, алкохол.
Гуната тамас е статична енергија, инерција. Тоа е квалитет на пракрити кој има зацврстувачко – стабилизирачко, згуснувачко и воздржувачко дејство. Оваа гуна се спротивставува на тенденциите на раџас да дејствува, и на сатва да открива, осознава. Во човековото секојдневие се манифестира како емоционална апатија, мрзеливост, тапост, конфузија, заслепеност… Човекот кај кого доминира оваа гуна е крупен и има бавни движења. На неговото мени се наоѓа престојана храна, без вкус, која вклучува консумирање на свинско и говедско месо, некои житарки, печурки, зеленчук, алкохол…
Гуните како основна граѓа на пракрити, имаат четири развојни фази и нивоа на постоење, односно состојби кои се резултат на доминација на една од гуните:
- алинга – неодвоено постоење во кое пракрити е како потенцијал;
- линга-матра – одвоена, диференцирана состојба во која буди (махат) е првиот еволутивен продукт на пракрити;
- авишеша – неодредена состојба на гуните се петте танматри и принципот на ахамкара или асмита (јас);
- вишеша – одредена состојба се петте груби елементи, маха бути, и индрии – петте сетила за спознавање и петте органи за акција.