Шарира и панча-коша

Во санскритскиот јазик за човечкото тело има повеќе термини – шарира, коша, каја, деха… Шарира обично се преведува како тело или телесна конституција, но погрешно е да се мисли дека терминот се однесува само на физичкото тело. Поточно е да се каже дека шарира ги означува физичката, енергетската, менталната и духовната егзистенција, и нивното меѓусебно функционирање. 

Учењето на веданта зборува за постоење на три шарири, составени од пет коши или обвивки, кои меѓусебно се поврзани, се проникнуваат и ја вдомуваат душата. Гледано низ призма на овој концепт, може да се каже дека човекот има пет нивоа на постоење.

Овде би требало да се напомене дека, според јогиското учење, човекот е создаден од прана. Махапрана или космичката прана е есенцијалната енергија, присутна во сите форми на живот. Таа е единствена, но начинот на кој се манифестира, се менува во склад со брзината со која вибрира.

Првата од трите шарири е штула, во чиј состав влегува анамаја-коша, или физичката обвивка, физичкото тело. Всушност, сè што е физичко по својата природа спаѓа во анамаја-коша. Таа уште се нарекува и обвивка на храната (ана – храна), поради нејзината зависност од храната, водата и воздухот. На ова ниво на егзистенција се искусува материјата, најлесно видливото ниво на постоење. Тоа е искуство на физичката димензија или телесно искуство. Сите коши се изразуваат и се доживуваат преку анамаја-кошата, па затоа обично се вели дека физичкото тело е инструментот низ кој човекот ги доживува искуствата во животот.

Втората, сукшма-шарира или суптилното тело е севкупниот психички комплекс на човекот, кој според јогата, може да опстои независно од телото. Оваа шарира ја сочинуваат три обвивки – пранамаја, маномаја и виџнанамаја-коша. 

Пранамаја-кошата е витална обвивка која се нарекува уште и пранично тело или етеричен двојник, кој има приближно иста големина и облик како и физичкото тело, го проникнува и му дава живот. Често се вели дека физичкото и праничното тело, анамаја и пранамаја-кошата, заедно ја сочинуваат основната градба на човекот, која некои автори ја нарекуваат „атмапури“ или „градот на душата“, а други „храм на душата“. Имено, зад овие две коши се простираат суптилните обвивки.

Но, ниту анамаја ниту пранамаја-кошата не можат да постојат сами за себе. Како што праничното тело го потпира и одржува физичкото, на ист, но посуптилен начин, останатите коши – маномаја, виџнанамаја и анандамаја-коша го потпираат праничното тело. Пранамаја-кошата е обвивка која ја сочинуваат сите системи во телото; петте груби и петте суптилни сетила – индрии и десетте видови прани. Овие прани учествуваат во процесите на дишење, дигестија, циркулација и екскреција.

Втората обвивка во сукшма-шарира е маномаја-коша, менталната обвивка-астралното тело. Покрај функциите кои ги извршува, таа ги одржува во целина двете погруби коши – анамаја и пранамаја. Таа наликува на гласник, кој информациите и сензациите од надворешниот, материјален свет им ги праќа на посуптилните коши, но и обратно, влијанието од посуптилните нивоа ги пренесува до погрубите. Нејзината особеност е сознавањето.

Виџнанамаја-коша е обвивка на интелектот и интуицијата, односно буди. Таа ја проникнува претходната, маномаја-коша, од која е посуптилна. Карактеристика на оваа коша е способноста за размислување, расудување и одлучување. Кога станува активна на повисоко ниво, човекот почнува да ги доживува нештата интуитивно, односно ги осознава нештата кои егзистираат зад материјалното постоење, онакви какви што се во нивната суштина. 

Од претходно кажаното, можеме да сумираме дека во составот на сукшма-шарира, односно трите коши кои ја сочинуваат, влегуваат џнана-индрии – петте сетила на перцепција и карма-индрии – петте органи на акција, танматри – петте суптилни елементи, ахамкара – егото, манас – разумот и буди – умот, интуицијата. Ова е поделба според филозофијата на самкја, додека во филозофијата на веданта, покрај ахамкара, манас и буди се наведува и чита. Патанџали, пак, терминот чита го користи како синоним за буди, ахамкара и манас. 

Сукшма-шарира во одредени енергетски центри – чакри е споена со грубото тело. Јогините велат дека дел од суптилното тело останува низ сите инкарнации и дури по конечното ослободување се дезинтегрира.

Третата, карана-шарира или каузалното тело е врската меѓу физичкото тело и душата. Во него се сочувани сите искуства кои се последица на дејствувањето во текот на животот. Се вели дека тие се сочувани во карма-ашаја – таканаречениот „магацин“ на кармата. Кога душата по смртта го напушта телото, го напушта и карана-шарира. Искуствата кои во неа се сочувани ја условуваат идната инкарнација, односно животот, во смисла на местото на повторното раѓање, формата, траењето како и содржините на животот во таа инкарнација. 

Карана-шарира ја вдомува душата која е обвиена со анандамаја – петтата коша, наречена уште и обвивка на блаженство, односно обвивка на трансценденталната свест. Таа е јадрото на човечкото битие, кое е вон доменот на интелектуалното знаење.

Првата обвивка, анамаја-коша е најгруба, а сите понатамошни се посуптилни.

Првите четири коши меѓусебно се проникнуваат и ја обвиваат петтата.

Антакарана, антар-индрија, чита

Антакарана е кованица од санскритските термини: анта – внатрешен и карана – алатка, и вообичаено се преведува како: внатрешна алатка; внатрешен инструмент – психа; внатрешен орган; внатрешни способности, функции; внатрешно сетило; индивидуален ум…

Во самкја, антакарана означува внатрешен орган кој има способност за размислување и кој е седиште на мислите и чувствата. Во составот на антакарана влегуваат:

  • Буди – ум, интелигенција. Го карактеризираат способностите за разликување, разбирање и одлучување;
  • Ахамкара – чувството за себе или принципот на индивидуација, его;
  • Манас – разум, способност за перцепција и размислување.

Активноста на антакараната започнува како реакција на дејствувањето на индриите, кои на антакараната и презентираат разни објекти. Во тој контекст, перцепцијата или знаењето е еден вид трансформација на антакараната, во сè она што е надворешна или внатрешна презентација, низ една од трите нејзини составни компоненти.

Во делото Самкја-карика, буди се опишува како повисок ум, ахамкара е творецот на „јас“, а манас е означен како понизок ум. Во антакараната се сместени огромен број искуства од овој и од претходните животи. Во тој контекст таа има голем потенцијал за ментален, емоционален и духовен развој, кој ние сосема малку го користиме, поради неусогласеното дејствување на нејзините меѓусебно поврзани делови. Основната причина за тоа е нашето незнаење за самите себе, а последиците се манифестираат во најразлични форми – приврзаност за погрешни идеи и ставови, условености од претходните искуства складирани во антакараната во форма на самскари – потсвесни  тенденции, васани – желби, смрити – сеќавања,  негативни емоции – страв, љубомора, завист, омраза, лутина, како и чувството на самоважност. Секако дека не смее да се заборави влијанието на гуните.

Набљудувајќи го опсегот на функциите на антакараната, станува јасно дека таа е медиумот низ кој дејствува свеста. Јогата вели дека свеста, во својата суштина, е чиста, но како ќе се манифестира зависи од квалитетот и состојбата во која се наоѓа антакараната. Затоа се вели дека антакараната е како инструмент кој мора добро да се исчисти и „наштима“ низ јогиската практика, за да може прецизно да функционира. Без тој процес на прочистување и облагородување – алхемија на антакараната, животот наликува на вистинска „рашомонијада“, во која сме само слуги на нашите умови.

За да ја разбереме подобро улогата и важноста на антакараната, повеќе за секоја од нејзините компоненти, како и за други важни термини, може да се прочита во продолжение на текстот.