Причини и последици од незнаењето

Причината за нашето незнаење лежи во умот. Тој, како пајак, во текот на многу животи, плете густа мрежа од мисли, чувства, желби, потсвесни тенденции, сеќавања, навики, идеи и ставови, во која самите се вплеткуваме. Мрежата во која незнаењето и делумното знаење се испреплетени е толку јака што тешко можеме да ја скинеме и да ги напуштиме длабоко вкоренетите обрасци на размислување. Затоа не успеваме да излеземе на слобода, туку само се препелкаме во мрежата и губиме сила.

Понекогаш, во некои животни премрежија, успеваме да увидиме дека всушност сме заложници на нашето незнаење и дека причината за таквата состојба е што не се познаваме себеси доволно добро и уште полошо, мислиме дека сме нешто што всушност не сме. Тоа наликува на обид нешто да истражиме и измериме, а мерниот инструмент не е калибриран. Јасно е дека во тој случај точноста на резултатот ќе зависи од степенот на прецизноста на инструментот. Но, најлошото е што толку се внесуваме во „мерењето“, што почнуваме да се идентификуваме со инструментот, и забораваме кој и зашто го користи и управува со него. Се чини дека Рамана Махариши токму затоа коментира:

Оној што сака да ја дознае вистината за некоја појава или субјект, мора прво да се познава себеси. Во спротивно, од почеток прави грешка, која потоа го искривува севкупното знаење, кое го стекнува низ своите истражувања.

Можеби ова кажување на многумина, особено на оние со инклинација кон науката, ќе им прозвучи „еретички“, но како поинаку да се објасни разногласието помеѓу научниците или познавачите и авторитетите од разни области на знаења. Секако дека нашите сознанија се постојано напредување од помала кон поголема вистина, но исто така е точно и дека се движиме низ темнината на незнаењето со сите свои ограничувања и често само нагаѓаме барајќи го излезот. Притоа, не смееме да заборавиме или да го заобиколиме фактот дека зад сите наши цивилизациски достигнувања стојат поединци, со сите свои особености, разлики во нивните интелектуални способности, карактеристики на личноста, искуствата, нивото на образование, културолошката позадина, средината и времето во кое дејствувале итн., и дека сето тоа имало и има влијание врз квалитетот и точноста на нивните идеи, ставови, теории, истражувања, со еден збор, на нивното севкупно знаење. За разногласието меѓу авторитетите, Рамана Махариши дава сличен коментар:

Кога некој сака да дознае нешто друго, а не вистината за себе, знаењето кое така го стекнува не е целосно и никако не може да биде вистинско знаење… Затоа, нема вистини или заклучоци кои не можат, порано или подоцна, да бидат оспорени од нови аргументи, сè до моментот кога ќе се оствари себството.

За жал, огромен број наши активности и „истражувања“ повеќе се дистракција од обидот да ја оствариме целта – да го откриеме себството.

Последиците од нашето незнаење се најизразени и најлесно видливи во моментите на страдање, без оглед дали причините ни изгледаат лични или како последица на природни катастрофи, пандемии, војни… Тогаш, обично се прашуваме дали во овој свет и начинот на кој е создаден и уреден, има нешто суштински погрешно – дали Бог некаде „згрешил“, дали нè казнува за нашите постапки или станува збор за природен хаос, како начин на кој функционира универзумот. Коментирајќи ги ваквите прашања и дилеми, Рамана Махариши вели:

Светот, таков каков што е, е сосема во ред; ние сме тие кои сме виновни, односно нашиот погрешен начин на размислување; она што треба да го направиме е да ја следиме првобитната грешка – незнаењето, до местото во нашата потсвест од каде таа извира и да ја искорениме -тогаш сè ќе биде во ред.

А додека сè не биде во ред и не дојде на свое место, неуките, кои секогаш се во мнозинство и мислат дека се многу учени и умни, ќе бидат најгласни и ќе го водат „орото“. За разлика од нив, малубројните кои знаат многу повеќе, најчесто дејстуваат во тишина и не се премногу експонирани и вплеткани во општествените текови. За жал, агресивното дејствување на просечните луѓе во сите сфери на животот, често под закрила на некаква квазидемократија, остава тешки последици на животите на цели народи и генерации. Така, на пример, во една пригода коментирајќи го агресивното религиозно покрстување, проучениот ирски драматург, критичар и политички активист Бернард Шо забележал: „Преобраќањето на ‘дивјаците’ во христијанство, всушност е преобраќање на христијанството во дивјаштво.“

Како да се надмине незнаењето?

Ако сакаме да бидеме вистински слободни и среќни, неопходно е да го надминеме незнаењето. Сè друго што правиме во таа насока е само земање аналгетик за ублажување на болката, која за кратко повторно се враќа и дополнително ја влошува состојбата.

Но, надминувањето на незнаењето не е лесен потфат зашто умот, инструментот кој ни е на располагање и со кој тоа треба да го постигнеме, е прилично „раштиман“, што е директна последица на првобитното незнаење, кое ги ограничува неговите можности. Затоа не е лесно да се откријат и напуштат погрешните гледишта, како и оние чија точност е сомнителна, зашто тие всушност се лажно знаење на кое се потпираме и за кое сме привразни. На патот на надминувањето на незнаењето и потрагата по себството, неопходна е потполна предаденост на целта. Во Багавад-гита се вели:

Само оној што ја сака вистината и кој целосно ќе и се предаде, ќе ја пронајде.

На тој пат не постои делумно дејствување, несигурност или млака желба, постои само потполна подготвеност да се отфрли сè што не е точно. До знаењето може да се стигне единствено низ процес на објективно и непристрасно преиспитување на ставовите околу клучните идеи поврзани со нашата егзистенција – Бог, универзум, себство… За овој „подвиг“ се неопходни силна желба, етичност и изострени когнитивни способности, а можеби најмногу од сè ни е потребно неврзување за нашите уверувања, кое произлегува единствено од сознанието дека голем дел од нашите уверувања не се „врежани“ во камен и подлежат на промени. Тоа значи дека во еден момент можеби ќе треба да бидат напуштени. Единствено ваквиот неврзан став создава услови за слободно и непречено преиспитување и напредување. Во спротивно, нашето знаење, кое во голем дел е половично, ќе нè попречи во обидот да го постигнеме директното искуство на себството.

Инаку, врзаноста е честа појава кај религиозните фанатици, чии умови се вкопани во рововите од нивните верувања, па не гледаат дека „тие се само помошни средства за достигнување на вистинското знаење“. Во тој контекст, еден учител проникливо забележал: „Ваквите луѓе забораваат дека учењата постојат заради човештвото, а не човештвото заради нив.“ Секако дека врзаноста за своите идеи, теории и уверувања не ги одминува ниту научниците.

Нашата идентификација со телото и умот може да ја запре единствено директното искуство на себството и само тогаш ќе можеме да кажеме дека сме го надминале незнаењето. Сè дотогаш, колку и да сме образовани и информирани, ние сме само „незнајковци со дипломи“, чие познавање на себството е само интелектуално, па затоа не сме во многу подобра положба од останатите луѓе. За жал, умисленоста и гордоста на „нашето знаење“, кое често е без покритие, се најприсутни кај „интелектуалците“ и во многу случаи ги деформираат како личности.

Улогата на конвенционалното образование

Претходно кажаното не би требало да се разбере како намалување на важноста на конвенционалното образование. Тоа има свое место и улога, но она што е важно да се напомене е дека кога во неговите фундаменти недостасуваат духовното разбирање и етичката компонента, тоа нема да ја исполни во целост својата задача. Нема да биде вистински патоказ кон мудроста и знаењето кои ослободуваат од страдање.

Конвенционалното образование со таков сериозен недостаток, нема да ни помогне да разбереме дека својата духовна суштина треба да ја бараме во себе, а не некаде надвор; нема да ни помогне да разбереме дека до одговорите на вечните прашања, поврзани со нашата духовна егзистенција, не може да се стигне само низ интелектуални шпекулации, зашто тие произлегуваат од нашето основно незнаење, кое е последица на отсуството на директното искуство на себството; нема да ни помогне да увидиме дека науката и духовноста не се спротивставени и дека треба да одат рака под рака за да нè доведат до конечното ослободување од незнаењето.

Дури откако вистински и во целост ќе ги согледаме погубните последици од авидјата за нашите животи, ќе можеме да препознаеме и да разбереме дека потрагата по себството, како начин да се излезе од состојбата на незнаење, не е опција туку императив и дека за тој „епски“ потфат ни е потребен духовен учител – вистински.