Упадеша во разни форми на јога

Говорејќи за разни форми на садана, еден учител забележал:

Крајна цел на секоја духовна практика всушност е осмислен напад на егото. Никаква медитација не може да донесе успех сè додека егото престојува во надеж и страв, амбиција и повреденост и било кој вид копнеж или желба… Егото е толку суптилно и жилаво, што ќе најде прибежиште дури и во оние дела кои имаат за цел да го уништат, како на пример, кога се гордее што е понизно или ужива во ригорозната самодисциплина.

Иако целта на сите форми на јога е култивирање на егото и ослободување од незнаењето и страдањето, методите кои водат до самореализацијата се различни.

Според карма-јогата, ослободувањето не се постигнува само со повлекување од светот и со медитативна практика, туку и со активно учество во животот и со несебично дејствување. Суштината на карма-јогата е секое дејствување во животот да биде свесно и ослободено од себичните желби и мотиви поврзани со резултатите на дејствувањето. Кажано со други зборови, карма-јогинот работи најдобро што може и дава сè од себе, неврзан за исходот, критиките и пофалбите.

Ваквиот начин на дејствување е во потполна спротивност од оној на кој обично функционираме во односот со околината, каде интеракцијата со другите најчесто е натпреварување и конфликт помеѓу две ега. Низ свесното и несебично дејствување, карма јогинот постепено ја губи идентификацијата со погрешната претстава за себе (асмита), што резултира со отстранување на менталните пречки и со текот на времето доведува до состојба на длабок мир и духовна сосредоточеност.

Во карма-јога дејствувањето е цел сама за себе и затоа секој чин на дејствување станува жртва која не создава карма и на тој начин не го врзува јогинот за кармичкиот, причинско-последичниот закон и за вечниот круг на раѓања и умирања – самсара. Идеалот на карма-јогата е одвоеност и неврзаност од резултатите дејствувањето.

Твоја е должноста да дејствуваш, но не се твои плодовите од тие дела.
Личната корист никогаш нека не биде двигател на твојата активност,
но немој никогаш да западнеш во неактивност.
Усидрен во јогата, отфрлајќи ја врзаноста, поднеси ги подеднакво успехот и неуспехот.
Таквата рамнотежа се нарекува јога.
– Багавад-гита II:47-48

Џнана-јога, за разлика од карма-јога, е пат на ослободување низ знаење и како крајна цел го истакнува спознавањето за идентичноста на Атман и Браман. Браман е врвната непроменлива реалност, крајната причина на универзумот. Тој е праоснова, сеопфатна и сепроникнувачка суштина од која сè излегува и во која сè се враќа. Браман е слободен, без почеток и причина, вон времето и просторот. Во основа на сите искуства, Браман му измолкнува на искуството; како сеопфатно битие тој е врвното себство, а како непроменлив и неуништив дух (душа) во човековото битие, тој е индивидуалното себство – Атман. Како метод, џнана-јога е поделена на седум членови. Првите четири се подготвителни:

  • вивека – способност за метафизичко разликување
  • ваирагја – неврзување
  • тапас – самоодрекување, кое се состои од шест постигнувања – смиреност низ контрола на умот; самоконтрола; одрекување и неврзување; издржливост и трпение; верба; длабока сосредоточеност
  • мумукшутва – желба за ослободување

Откако ќе ги развие овие квалитети, ученикот е подготвен за останатите членови кои се сметаат за вистинскиот пат на знаењето:

  • шравана – слушање на поуките од светите текстови, како и од поучувањето на учителот
  • манана – размислување за слушнатото
  • нидидјасана – медитативна задлабоченост во суштината на пораките на текстовите и кажувањата на учителот

Во уживањето постои
страв од болест;
во социјалниот статус,
страв од пад;
во богатството,
страв од негов губиток;
во честа, страв од понижување;
во моќта, страв од противникот;
во убавината, страв од староста;
во ученоста, страв од неистомислениците;
во доблеста, страв од клевета;
во телото, страв од смртта.
Сите нешта на овој свет
кои се однесуваат на луѓето
проследени се со страв;
само неврзувањето води кон бестрашност.
– Ваирагја-шатакам

За разлика од карма-јога и џнана-јога, бакти-јогата е дисциплина, пат на љубовта и потполна побожна предаденост. Основното значење на терминот бакти е приврзаност, љубов и потполна предаденост на Бога. Се вели дека тоа е најлесниот пат за ослободување кој е достапен за сите и не бара разработена медитативна практика или некои други техники, како средства за спознавање на својата духовна суштина. Единствено што е потребно е потполна и непрекината предаденост на Бога. Во зависност од карактерот и склоностите на ученикот, бакти може да поприми различни форми: вера во Божјата моќ, мудрост и милост, постојано спомнување на божествените особини со предаденост во срцето, потполна предаденост на Божјата воља итн. Затоа може да се каже дека во овој метод важна улога има емоционалната врска со објектот на обожување. Чувството на целосна предаденост резултира со спонтано задржување на објектот на обожување во свеста. На тој начин се постигнува високо ниво на духовна сосредоточеност.

Со постојаното негување на предаденоста, духовната сосредоточеност се продлабочува, се намалува зачестеноста на промените во свеста и постепено се намалува и се губи чувството за јас (его). На тој начин во континуитет се отстрануваат пречките помеѓу бакти-јогинот и Божеството, сè додека не се постигне потполно соединување, во кое свеста за сопственото битие престанува да постои. Тогаш бакти јогинот и објектот на обожување – Божеството, стануваа едно.

Во текстот Багавата-пурана, бакти-јогата се состои од девет видови обожувања, кои се сметаат за развојни степени, почнувајќи од слушање за името и славата Божја, пеење во чест на Божеството, па сè до потполна предаденост на Душата, низ која бакти-јогинот се соединува со Божеството.

Имајќи ги предвид особеностите на овој метод и квалитетите на бакти-јогинот се чини дека бакти-јогата само навидум е лесен пат.

Вообичаената љубов е себична, мрачно вкоренета во желбите и задоволствата. Божествената љубов не поставува никакви услови, безгранична е и непроменлива. Од нејзиниот допир човековото срце засекогаш престанува да крвари.
– Шри Јуктешвар

Класичната јога на Патанџали, се среќава и под имињата раџа-јога – кралска јога, аштанга – осумчлена јога. Во Јогиските сутри, каде Патанџали ја изложил како метод, членовите се набројуваат по следниот редослед:

  • јама ги опфаќа петте етички правила, со кои се регулира ставот на јогинот кон надворешниот свет: ахимса – ненасилство, неповредување; сатја – вистинољубивост; астеја – некрадење; брамачарја – контрола на сетилата и на сексуалниот нагон; апариграха – непоседување, отсуство на алчност
  • нијама го одредува ставот на јогинот кон себе самиот, и ги вклучува: шауча – чистота, внатрешна и надворешна; самтоша – задоволство; тапас – аскетски напор; свадјаја – себепроучување; ишвара–пранидана – предаденост на Бога, на повисок идеал
  • асана, се однесува на одреден начин на седење (седечки позиции) што овозможува стабилност на телото и медитативна задлабоченост
  • пранајама е регулирање на праната – виталната енергија, со помош на дишењето, со цел да се воспостави продолжена концентрација на една точка
  • дарана подразбира задржување на вниманието на една точка или објект (концентрација)
  • дијана е медитативна задлабоченост
  • самади ја означува врвната сосредоточеност на умот

Вообичаено, првите пет члена се нарекуваат надворешни членови, а останатите три внатрешни. (Повеќе за класичната јога во текстот „Дали напредувам во практиката на јога?“).

Гледано низ призма на комплексноста на човековото битие, неговата физичка, енергетска, ментална, емоционална и духовна компонента, јасно е дека умешното комбинирање и практика на различните форми на јога, еден вид интегрална јога, би дала најдобри резултати. Тоа секако зависи од квалитетите и способностите и на учителот и на ученикот. Низ историјата на јогата, секогаш имало учители кои со повеќе или помалку успех ја прилагодувале практиката и методот на потребите на луѓето, во однос на времето и поднебјето во кое живееле. Во контекст на спојувањето на различни форми на јога, Рамана Махариши вели: 

Со обединувањето на карма-јога и џнана-јога, се создава нов метод, кој најмногу одговара на денешните услови. Но, овој нов пат е многу повеќе, зашто тој станува бакти. Вечната и невознемирена природна состојба на пребивање во себството е џнана. За да пребивате во себството, морате да го сакате. А бидејќи Бог всушност е себството, љубовта кон себството всушност е љубов кон Бога – и тоа е бакти. Затоа, може да се каже дека џнана и бакти се едно исто.

Покрај четирите форми на јога, кои се сметаат за основни духовни практики, не би смееле да ја одминеме хата-јогата, особено поради фактот што денес таа е најпопуларна и најприсутна на Запад. Но, тука е неопходно да се напомене дека таа е исклучително комплексна, па нејзиното практикување без искусен познавач може да биде многу опасно и да предизвика сериозни физички и психички проблеми. За „среќа“, хата-јогата денес најчесто се практикува во прилично редуцирана и поедноставена форма, каде акцентот е ставен на асаните, па затоа опасностите се значително помали, но не и занемарливи.

Основната идеја на хата-јогата е постигнување на совршено тело (сида-деха), кое нема да биде подложно на болести и стареење – вообичаените ограничувања. Ова совршено тело, преку практика на одредени техники, јогинот треба да го трансформира во божествено тело (дивја-деха), со кое може да постигне бесмртност. Овие техники, во Геранда-самхита, стар јогиски текст за хата-јога, се поделени во седум групи:

  • шаткарма, шест просеци на прочистување
  • асани, специфични положби на телото
  • мудри (и банди), со кои се постигнува контрола на одредени делови од телото, и се овозможува пренасочување на виталната енергија (прана) во енергетското (праничното) тело
  • пранајама, контрола на праната со помош на одредени техники на дишење
  • пратјахара, повлекување на сетилата од објектите
  • дијана, медитација
  • самади (унмани аваста) ја означува врвната сосредоточеност на духот

Со сложена и комбинирана практика на овие техники, јогинот се стреми кон постигнување контрола над праната и суптилните енергетски центри – чакри, за да може да ја „разбуди“ виталната енергија – кундалини, која во човекот се наоѓа во латентна состојба.

Праната е виталната, животна енергија која го проникнува целиот универзум. Во човековото физичко и суптилно тело се манифестира како севкупна психосоматска енергија, која ги овозможува сите човекови функции и активности. Највидливата манифестација на праната се огледува во процесот на дишење. Јогините увиделе дека помеѓу праната и здивот постои тесна поврзаност и дека преку контролата на здивот можат да управуваат со праната и да ја контролираат. На ова сознание се темели науката на пранајама.

Кога го сумираме досега кажаното, би можеле да заклучиме дека севкупната практика на наведените техники има за цел придвижување на кундалини – манифестацијата на креативната космичка енергија во човекот, која се смета за извор на виталната енергија и потпора на целото тело и праничните текови. Со континуираната практика, јогинот создава услови пробудената кундалини да се подигне низ средишниот енергетски канал – сушумна, и да се апсорбира во темената чакра – сахасрара, што води до состојба на самади.

Кај повеќето луѓе постои претстава дека техниките на хата-јогата првенствено се насочени кон физичкото тело, што низ призма дури и на едно вака поедноставено објаснување, се покажува дека е погрешно размислување. Имено, јогиското учење укажува на тоа дека физичкото тело е проникнато од суптилното, па контролата на физичкото тело и процесите кои се одвиваат во него, постепено води до контрола на суптилното тело.

Во секој случај, проучувањето и познавањето на сложената структура на физичкото и суптилното тело и нивната меѓусебна испреплетеност е неопходно за разбирање на оваа сложена и деликатна форма на јога.

Помеѓу различните форми на јога, корисно е да се спомне и методот на себеиспитување – вичара, на Рамана Махариши. Кога во една пригода Парамаханса Јогананда го запрашал каков метод треба да им се даде на луѓето за духовно воздигнување, Рамана Махариши одговорил: „Зависи од темпераментот и духовната зрелост на поединецот. Не може да се даде универзална инструкција – метод“.

Во продолжение следат неколку кратки кажувања на Рамана Махариши и негови ученици, кои ќе ни го појаснат овој метод.

„Себеиспитувањето е директен и безгрешен начин за надминување на егото, со цел да се реализира апсолутното, неусловено битие кое впрочем си Ти… Обидот егото да се надмине низ други духовни практики – садани, наликува на ситуација во која крадецот се преправа дека е полицаец кој сака да го фати крадецот, т.е. себе…

За разлика од себеиспитувањето, индиректните духовни практики – садани, го градат и зајакнуваат умот, за да може дури пред самиот крај, да ја постигне силата и суптилноста потребни за предавање на учителот.

Со практиката на себеиспитувањето и со милоста на учителот, тоа се случува автоматски. Но, тука мора да се каже дека себеиспитувањето е наменето само за зрели души. Останатите мора да поминат низ неопходна практика на некој од останатите методи кои најмногу одговараат на нивниот развој – ментален и морален, во склад со нивната природа, разбирање и девоција…

Себеиспитувањето ја разоткрива вистината дека егото и умот вистински не постојат и на тој начин го овозможува разбирањето на чистото, неподелено постоење на себството. Кога тоа ќе се реализира, веќе нема што да се спознае, бидејќи тоа е сè“.

Целта на себеиспитувањето е умот во целост да се фокусира на неговиот извор и да се насочи на самиот себе. Тоа значи да се испитува: „Кој сум јас?“, при што вниманието се насочува на духовното срце од десната страна, два прста од средината на градите. Тоа не е чакра, тоа е центар и извор на егото и средиште на себството и затоа е место на единството.

„Во себеиспитувањето не треба да ги следиме мислите туку да ги набљудуваме и да се прашуваме: Што е оваа мисла, од каде дојде и на кого му дојде? Мене? А кој сум јас? Така, секоја мисла исчезнува бидејќи е истражена и се враќа на основната јас-мисла. И негативните мисли треба да имаат ист третман…

Всушност, сите мисловни форми се страни на овој тип на медитација. Сите мисли подеднакво и противречат на реализацијата. Мислата е едно, а реализацијата е нешто сосема друго. Затоа, она што е исправно и што треба да го правиме е да ги оставиме сите мисли…

Кога себеиспитувањето се практикува на мисла поврзана со одредена емоција, таа има исклучителна сила и го погаѓа коренот на копнежот. На пример, кога сме повредени или навредени, се поставува прашањето – кој е повреден или навреден? Кој е задоволен или нерасположен, луг или горд?“

„Човекот секојдневно лесно паѓа во мечтаење или фантазирање – замислувајќи можни победи, и го дува егото во иста мера колку што медитацијата го поништува. Затоа, во тие мигови се неопходни будност и сила, за да се пресече врзаноста со мечот на себеиспитувањето.“

„Прашањето: ‘Кој сум јас?’ всушност ја растопува јас-мислата, која е родител на сите останати мисли, и продира надвор – кон мир, во кој нема мисли…

Со постојана практика, оваа состојба станува сè почеста, се додека не стане континуирана, а не како што е вообичаено, само за време на медитацијата. Таа е присутна и во позадината на говорот и дејствувањето. Сепак, себеиспитувањето треба да се практикува сè до крај, сè додека не остане само себството.“

Рамана Махариши го препорачувал себеиспитувањето не само како техника на медитација, туку и како начин на живеење, сметајќи дека пречките во духовната практика стануваат нејзини средства. Тоа го објаснува неговото противење на одрекување од светот и световниот живот.

„Упатството за себеиспитување во секојдневните активности, всушност е проширување и прилагодување на традиционалната практика на потребите на нашето време. Инаку, кога себеиспитувањето се користи директно во форма на медитација, тоа е најстарата и најсовршена духовна практика, за која во ведантистичкото дело Јога-вашишта се вели: „Испитувањето ‘Кој сум јас?’ е потрага по себството и оган што го согорува отровното семе на концептуалната мисла“.