Текст: Во потрага по учител… и понатаму | Автор: Стеван Милиќ
Квалитети на ученикот
Поради сериозноста на односот помеѓу учителот и ученикот од најголема важност е тој да биде поставен на здрави основи – искреност, почитување, доверба, трпение, етичност… Во тој контекст, еден учител забележал: „Да бидеш учител значи да служиш, а не да даваш наредби“. На ова би можело да се додаде и дека учителот треба да има неизмерна наклонетост и бескрајно трпение за ученикот и неговите „маки“. Тоа секако не значи дека ученикот треба да биде амнестиран од одговорноста за своите грешки. Напротив!
Всушност, секогаш би требало да се има на ум дека во овој однос, учителот е предизвик за ученикот, но исто така и ученикот е предизвик за учителот, особено ако не е реализиран. Затоа е исклучително важно учителот и ученикот да имаат развиени етички квалитети и интелектуални капацитети, зашто во спротивно последиците можат да бидат погубни и за двајцата, секому на свој начин.
Бидејќи претходно говоревме за квалитетите на учителот, би требало да се осврнеме и на квалитетите кои треба да ги има еден сериозен ученик. Во класичните текстови за јога, често се среќаваат описите на овие квалитети кои обично се манифестираат како високи интелектуални способности, чистота – внатрешна и надворешна, ведрина, отсуство на страв, добрина, разбирање и благост, бистрина на умот, моќ на самоконтрола, смиреност, урамнотеженост, способност за медитативно задлабочување, жед за знаење…
Во јогиската литература за ученик вообичаено се користат термините шишја – во контекст на односот со учителот (гуру/шишја), а во поново време се среќава и терминот – чела. Исто така, вообичаено е оние што се посветени на патот на јогата да се нарекуваат јогини.
Во литературата за хата-јога, вообичаениот термин за ученик е садака или садика, за жена. Садака обично се преведува како – успешен; оној кој постигнува, или оној што е предаден на целта. Во поширок контекст, садака означува практикант, аспирант или следбеник на некој метод на духовно усовршување – садана, а понапреден садака се нарекува саду.
Во Шива-самхита, познатото дело за хата-јога, садаките се делат на четири класи, во склад со нивните физички способности, доблести и мани, и во тој контекст го одредуваат видот на јогата за која тие се способни, како и времетраењето за постигнување успех во саданата.
- Мриду – млак, е садака без иницијатива, расеан, болешлив, го критикува учителот, алчен е и често е голем гурман. Ваквиот ученик, учителот го иницира во мантра-јога, во која може да постигне успех за дванаесет години.
- Мадја е просечен садака, кој тежнее кон сите доблести, говорот му е благ и не оди во крајности во своите потфати. Таквиот ученик би требало да биде инициран во лаја-јога, која вообичаено се смета за ментална димензија на хата-јогата.
- Адиматра е натпросечен ученик со сталожен ум, упатен е во лаја-јога, има многу енергија, великодушен е и сочувствителен, вистинољубив и го почитува учителот. Треба да биде инициран во хата-јога, во која ќе постигне успех за шест години.
- Адиматратама е врвен ученик со најмногу енергија и превзимливост, ги знае светите текстови, не им подлегнува на емоциите и не се збунува, млад е, умерен е во јадењето, господар на своите сетила, надарен е со сите доблести, има добро здравје и ги знае должностите на адиматра. Таквиот ученик е способен за секој вид јога и ќе постигне успех за три години.
Во Шива-самхита се сретнува и терминот – адикара, кој се преведува како надмоќ и подобност, и означува својства или квалитети кои јогинот треба да ги поседува, и кои се предуслов за добивање упатства во повисоките нивои на духовната практика. Во делото се наведуваат некои од квалитетите: цврста верба во постигнување успех во практиката на јогата, почитување на учителот, духот на универзално единство, контрола на сетилата и умереност во исхраната. Кога јогинот со вакви квалитети следи одредени правила на однесување, се нарекува адикарин.
Читајќи за потребните квалитети кои треба да ги поседува врвниот ученик се чини дека колку што е тешко да се најде вистински учител, уште потешко е да се најде вистински ученик.
Сомнежи и дилеми кај ученикот
Во една прилика шаманот Дон Хуан Матус кажал: „На патот кон знаењето ништо не е јасно онолку колку што би сакале да биде“.
Во однос на природата и специфичностите на методот, како и начинот на преносот на знаењето со кое учителот му ги открива тајните на учењето, на ученикот понекогаш не му е лесно да го разбере и прифати неговото подучување. Добар пример за тоа е настојувањето на учителот ученикот постојано да се труди да живее свесно и етично, да ги открива и набљудува мислите и функционирањето на умот, да ги контролира своите слабости и егоистични желби, како и својата евентуална интелектуална гордост и слепило или отпор кон сè што излегува од рамките на неговото (не)разбирање. Но, сепак, повеќето ученици најмногу ги збунува неговото инсистирање тие безрезервно и безкомпромисно да се трудат да го откријат своето себство, својата вистинска Божествена природа.
Сè додека функционираме и опстојуваме во незнаењето, искуствата и кажувањата на учителите за себството, особено на реализираните, се единствени докази на кои можеме да се потпреме. Но, дури и тогаш се случуваат конфликти во нашиот ум, во однос на учителот. Во разбирањето на природата на конфликтот помеѓу нашиот интелект и духовниот авторитет на учителот, може да ни помогне едно кажување на Рамана Махариши:
На прашањето, ‘Чиј е интелектот?’ ти мораш да одговориш ‘Мој’. Тоа значи дека интелектот е твое орудие со кое ги проценуваш разликите. Ти не си интелектот, ниту е тој нешто што постои вон тебе. Во длабок сон интелектот не постои. Ти си постоечката стварност, а интелектот е само појава која се развива во текот на животот. Затоа, мораш да откриеш кој и што си ти навистина и цврсто да се држиш до тоа.
Ако живееме под закрила и влијание на незнаењето, „интелектот е совршен инструмент за остварување на нашите цели“, а за оние кои знаат, користењето на интелектот е прилично ограничено од првобитното незнаење. Затоа нема смисла интелектот да се користи за надминување на незнаење за нашето себство. Секако дека ние мораме да го користиме интелектот и тоа не треба да не збунува, но треба да бидеме внимателни и свесни дека најмногу што тој може да стори за нас е да ги препознае своите ограничувања и на тој начин да престане да нè саботира да го кочи нашиот духовен развој – потрагата по себството. Всушност, она што тој може и треба да го направи е да нè доведе до предворјето и да ни ја отвори вратата кон слободата. Тука неговата улога завршува.
Во ваквата ситуација, очекувано е да се запрашаме дали и колку можеме да им веруваме на сведоштвата на учителите? За воља на вистината, тие не бараат од нас да им веруваме, туку да го провериме нивното учење низ лично искуство. Тие не ни даваат прикази и описи на вистинската природа на себството, туку нè подучуваат како да го практикуваме методот и на тој начин да постигнеме сопствено искуство на себството.
И покрај сè, кај некои луѓе се јавува сомнеж и дилема дали разумот и вербата во учителот се во колизија и на некој начин се спротиставени? Најчесто, оваа дилема исчезнува со текот на практиката и проучувањето на учењето, кое постепено го води ученикот до личното искуство.
Коректен однос учител – ученик
Стабилниот и коректен однос помеѓу учителот и ученикот е предуслов да се случи прeнесувањето на знаењето. Но, тука прво треба да се разбере што точно се мисли под пренесување на знаењето? Тоа многу јасно и кратко го објаснил Дон Хуан, опишувајќи го дејствувањето на неговиот учител:
Мојот добротвор не веруваше во пренесување на знаењето. Тој велеше дека пренесеното знаење не е делотворно и го нема никаде кога ни е најпотребно. Од друга страна велеше тој, ако знаењето на човекот само му се предочува, тој секогаш ќе најде начин да го побара, се разбира, ако е заинтересиран.
Слична порака испраќа и Џубран:
Никој не може да ви открие ништо освен она што веќе лежело, полузаспано, во почетоците на вашето знаење… Учителот кој се шета во сенката на храмот, меѓу учениците, не им дава од својата мудрост, туку од својата вера и својата љубов. Ако вистински е мудар, не ве кани да влезете во домот на неговата мудрост, туку попрво ќе ве води до прагот на вашата душа… зашто сознанието на еден човек, не му ги позајмува своите крилја на друг човек.
Ние сепак ќе го користиме терминот пренесување, имајќи притоа предвид дека не станува збор само за интелектуално, туку пред сè за искуствено знаење, и дека во тој пренос, ученикот мора да вложува исклучителен напор и труд. Во ниеден случај тој не смее да биде пасивен восприемач.
Во контекст на успешното пренесување на знаењето, Џорџ Фојерштајн во еден текст опишува како и на кој начин би требало да функционира уникатната релација помеѓу учителот и ученикот: „За да имаме полза од мудроста и знаењето што учителот ни го пренесува, мораме со него да стапиме во длабок однос познат како учеништво. Тоа, пред сè, подразбира големо ангажирање во процесот на самотрансформацијата, развивање на дисциплина со која умот се извлекува од конвенционалните клишеа во размислувањето и надминувањето на старите навики, а пред сè, значи развивање на предаденост и почитување кон учителот. Тука е исклучително важно да се напомене дека учителот не треба да се гледа како индивидуа, туку како космичка функција, која е предодредена да ја уништи дури и самата илузија на учеништво. Затоа овој духовен процес е крајно парадоксален: за да се отвориме за преносот на знаењето од страна на учителот, мораме да ја преземеме улогата на ученик и со тоа да го сметаме учителот како нешто надворешно во однос на нас самите. А сепак, преносот на учителот потекнува од себството, кое не е одвоено од нас, бидејќи е нашиот (заеднички) краен (суштински) идентитет…
Патувањето завршува кога ќе почнеме, во секој миг да живееме во себството и како себство, кое е неделива целина, за разлика од т.н. индивидуа, која впрочем е нецелосно битие, маѓепсано од нестварното его…
Тоа всушност е вистинската улога на учителот – да го извлече ученикот од сферата на егото, и да го подигне до надиндивидуалното, универзално себство. Затоа и се вели дека учителот е оној кој конечно го „уништува“ егото.
За да може да му помогне на ученикот да ја надмине својата погрешна перцепција и доживување дека е ограничена единка, поединечна душа, учителот мора, пред сè, да поседува мудрост и сочувствителност, квалитети кои се резултат на неговата самореализција…
Доколку учителот не е потполно самореализиран, и нема рамнотежа помеѓу овие квалитети, постои голема опасност од неурамнотежен пристап во преносот на знаењето, како и проблеми и недоразбирања во меѓусебниот однос…
Имено, ученикот во своето незнаење е склон на наивни површни и погрешни размисли и заклучоци, проекции и разни заблуди. Така, доколку кај учителот доминира сочувствителност, ученикот тоа може погрешно да го протолкува како симпатија или љубов кон него, а ако кај учителот доминира мудроста без доза на сочувствителност, ученикот може лесно да биде столчен под тежината на барањето на учителот тој да се трансформира. Затоа е исклучително важно кај учителот да постои рамнотежа помеѓу овие квалитети.“
Ова укажува на потребата ученикот од своја страна да биде исклучително трезвен и здраворазумски да ги набљудува и проценува ситуациите и однесувањето и дејствувањето на учителот, како и своето, за да има вистинска слика за него и за самиот процес на пренесувањето на знаењето. Тоа е многу тешко, зашто промените на внатрешен план во текот на процесот на учеништво се случуваат и кај едниот и кај другиот.
Најдобро е ученикот да ја надмине идејата за учителот како индивидуа (надворешен учител) и да го разбере и прифати како внатрешен принцип или функција. Тоа може да го поштеди од многу болка и конфузија предизвикана од вообичаеното прифаќање и идеализирање на учителот како посебна, харизматична индивидуа, која често поприма димензија на култ на личност.
Всушност, ученикот обично оди во две крајности – или наивно и некритички го идеализира и обожува учителот, или реагира како „бунтовник без причина“. Втората крајност обично води во друга грешка, кога ученикот предвреме го напушта учителот и станува „сам свој мајстор“. Во тој случај, неговото его станува учител и тоа вообичаено го води во уште поголема конфузија и назадување.
„За ученикот е најдобро да го разбере и прифати учителот како отелотворена духовна функција и да се обиде односот со него да го насочи исклучиво на својата духовна трансформација.“
Тогаш сè околу него добива друга димензија и сè станува потенцијален учител, како во случајот на Дататреја и неговите дваесет и четири учители. Во спротивно, добро е да се размисли за последната порака на Буда до неговите ученици:
Бидете светилка сами на себе.
