Текст: Во потрага по учител… и понатаму | Автор: Стеван Милиќ
Две можности
Реката не ја пие својата вода, како што ни дрвото не се храни со своите плодови, туку живеат за другите. На ист начин, одвреме навреме, се раѓаат големи души кои ги живеат своите животи за доброто на другите. Тие му носат мир и среќа на човештвото. Откако го преминале застрашувачкиот океан на мајата – релативната егзистенција, ослободени од секакви себични мотиви, им помагаат на другите и тие да го преминат. Не е важно кога и каде е родена таква голема душа или колку долго живеела; нивните животи и пораки се извори на вдахновеност за сите луѓе во сите времиња.
– Свами Ќетанананда
Оваа своевидна ода на духовните учители ја истакнува нивната неопходност за поединецот и човештвото. Во тој контекст, пораката на Буда можеби звучи како нејзина спротивност, но тоа е само привид. Буда всушност предупредува на начинот како го бираме учителот и на можните проблеми и опасности, ако на внатрешниот пат нè води некој кој не е духовно опитен. Тој ги посочува како неопходни претпазливоста и здравораузмското расудување, во тој честопати судбоносен чин. Тие квалитети се уште поважни и неопходни денес кога вистинските учители се „редок вид“, а многу побројни се самопрогласените, кои се убедени дека се „од Бога дадени“, дека имаат мисија, па затоа останатите луѓе треба да ги следат, да ги слушаат нивните „умни духовни беседи“ и да им се восхитуваат. Всушност, оваа појава секогаш била присутна и затоа не е случајно што на оваа тема се напишани страници и страници во духовната и религиозната литература. Она што при нивното читање остава впечаток е истоветната порака. Следните неколку кажувања можеби ќе ни помогнат да ја разбереме подобро нивната универзалност.
… Во нашето време речиси и да нема луѓе кои би биле во состојба да водат и подучуваат без грешка, како што тоа го правеле духовните отци, кои заедно со нивните ученици биле управувани од Светиот Дух. Денес има многу учители кои и самите се во заблуда околу најважните прашања на верата. Катастрофа и вистинска несреќа е кога ученикот на таков учител почнува да го прифаќа секој негов збор како совршена вистина и прецизно го следи.
– Епископ Игњатије Брјанчанинов
…Истражувај го Божјото писмо и раководењата на Светите отци, за да можеш да ги споредиш со она на што те поучува учителот. Така ќе можеш, како во огледало, да видиш колку се тие во согласност… Знај дека во нашето време се појавија многу измамници и лажни учители.
– Добротољубие
Има многу гуруа кои на учениците им го грабаат имотот, но ретки се гуруата кои го отстрануваат нивното страдање.
– Куларнава-тантра
„Ако непросветлен човек, во својата непромисленост, преземе одговорност да спасува друг човек, нема крај на нивната заедничка беда. Ниту егото, ниту световните врзаности на ученикот нема да исчезнат. Ако ученикот потпадне под влијание на недостоен учител, тој никогаш нема да постигне ослободување. Но, под водство на меродавен учител, самољубието на ученикот брзо исчезнува…
Многумина, со малку учење и читање, сакаат да предаваат и да ги учат другите. Колку е тоа чудно! Да се предава и да се подучува е најтешката од сите задачи. Единствено оној кој го осознал Бога и добил овластување од Него, може да учи други.
– Шри Рамакришна
Во ваквата ситуација разбирливо е да се запрашаме што да правиме? Ако е толку тешко да се најде учител кој го поседува вистинското знаење и искуство, тогаш кои ни се можностите во негово отсуство? Генерално, постојат две опции, а опасности и ризици се присутни и во двете. Во првата, прифаќањето да нè води некој кој и самиот уште го оди својот пат, бара од нас да бидеме свесни за можните опасности во таквиот однос. Втората опција е да се движиме сами, да учиме и да стекнуваме искуства со помош на литературата, свесни за нашето ограничено знаење и можните погрешни толкувања на она што го проучуваме и се обидуваме исправно да го разбереме. Ако се одлучиме да одиме по патот сами треба да имаме колку што е можно појасна слика како и на кој начин тоа треба да го правиме. Неколку стихови од поемата „Носорог“ од раната будистичка поезија, можеби ќе ни помогнат во тоа.
Вредна за пофалба е радоста на пријателството,
кога пријателот е подобар или рамен на тебе,
а кога го немаш, живеј беспрекорно,
сам движи се како носорог.
Избегнувајќи ја борбата на гледишта,
кога ќе стигнеш на чистина,
тргни во вистинската насока.
Со сопствено знаење, а не воден од други,
сам движи се како носорог.
Ниту алчен, ниту итар,
ниту жеден, ниту раздразлив,
ниту огорчено настран,
независен од било што на овој свет,
сам движи се како носорог.
Сврти им го грбот на среќата и несреќата,
радоста и тагата на минатите времиња,
неврзан, смирен и прочистен,
сам движи се како носорог.
Насочен кон крајното достигнување,
со отворен дух и увежбан зафат,
со стекната сила, непоколеблив,
сам движи се како носорог.
Постојан во самотната задлабоченост,
истраен во напорот да завршиш со копнежот,
разбистрен, опитен и внимателен,
вистински познавач, сигурен во насоката…
Сам движи се како носорог.
Пренесувањето на знаењето од учителот на ученикот и нивниот меѓусебен однос се клучните содржини во јогиското учење, и слободно може да се каже дека се од животно значење за ученикот. Затоа, вреди да се обидеме, во рамки на своето искуство и со помош на литературата да ја разбереме суштината на оваа тема.
