Потешкотии во разбирањето на улогата на учителот

Ако досегашните кажувања ни се во најголем дел јасни, се поставува прашањето зошто во обидот исправно да го разбереме учителот и неговата традиционална улога, обично се соочуваме со многу потешкотии, дури и оние кои подолг период практикуваат јога.

Најчестите нејаснотии се изразени во прашањата од типот: дали секој што подучува јога е учител; ако не е, тогаш за кого може да се каже дека е учител; какво е знаењето со кое тој располага и какво незнаење отстранува; дали учител е неопходен на духовниот пат; какви квалитети треба да поседува; дали сите учители се исти или помеѓу нив постои некаква хиерархија, односно квалитативна разлика итн, итн.

Голем дел од прашањата и дилемите се субјективни и ги креираме самите во своето незнаење или неинформираност, а дел од нив се објективни и во голема мера ги предизвикуваат самите учители и нивните ученици или следбеници со своето однесување и ставови, предизвикувајќи често конфузија кај луѓето. За да дојдеме до одговорите, потребно е да ги пронајдеме причините кои стојат зад овие прашања, и кои кај многумина предизвикуваат најразлични дилеми и контраверзи.

Понекогаш, недоразбирањата на тема духовен учител се резултат на непознавањето на неговата карактеристична улога во внатрешната трансформација на ученикот, особено во култивирањето на неговото его, на што сите сме многу чувствителни и обично го доживуваме како атак на нашата личност. Конфликтите можат да произлезат и од културолошките разлики и недоволното познавање на јогиската духовна традиција или пак да се кријат во нашата неспособност да ја видиме нејзината суштина, затскриена зад древните обичаи и шаренилото на тамошниот фолклор.

Понекогаш во прашање е мешањето на улогата на духовниот учител со улогите на учителите од други области на знаење, што го повлекува со себе и прашањето за нашиот генерален став кон авторитетите. Дел од сомнежите во улогата на учителот се последица и на многубројните сексуални и финансиски скандали поврзани со голем број учители кои од Индија дошле на Запад.

Она што кај човекот од Запад вообичаено предизвикува збунетост и сомнеж кон вистинскиот учител, пред сè, се неговата неоптовареност со материјалните добра и придобивки, отсуството на желби за моќ, позиција, влијание во окружувањето, отсуството на потреба за задоволување на егоистични цели, или кажано со други зборови, сè што е во спротивност со она што западниот човек е навикнат да го гледа, вреднува и живее во своето окружување и секојдневно функционирање.

Долга е листата на пречки во разбирањето на улогата на учителот, но една од најголемите е поврзана со гледањето на јогата повеќе како интелектуално знаење, односно како филозофски систем. Ваквото гледиште го пренебрегнува фактот дека ученикот ја доживува својата духовна суштина, пред сè, како резултат на практика на одреден метод, кој може да се разликува од другите по формата на јогата од која потекнува, како и од приодот на учителот. Оттука е јасно дека пренесувањето на ова скапоцено знаење, кое може да ни помогне да го запреме постојаното страдање, во основа е искуствено и се случува низ директниот контакт и однос со учителот.

Бидејќи недоразбирањата поврзани со учителот се повеќеслојни, добро е да се позанимаваме со нив повнимателно, особено со оние кои ги создаваат самите учители и нивните следбеници, зашто остануваат во нашите умови предизвикувајќи постојани внатрешни конфликти.

Во продолжение нема да навлегуваме во историјатот на пренесувањето на јогата на Запад, туку ќе направиме кратко потсетување на она што се случувало во блиското минато и како и колку тоа влијаело на она што се случува денес. (Повеќе за тоа како јогата стигнала на Запад, во текстот „Дали напредувам во практиката на јога?“).

Во шеесеттите години на минатиот век, во време на појавата на хипи движењето и зголемениот интерес за источната езотерија, на Запад почнале да пристигнуваат учители од Индија. Нивното доаѓање, како по правило, се случувало по одреден терк. Облечени во својата традиционална портокалова облека, со долги коси и бради, со мали (бројаници) околу вратот и неизбежното „намасте“, тие ја носеле со себе целата своја религиозна иконографија и фолклор. Обично ги следела свита „ученици“, а на организираните настаните се слушале киртани (девоциски песни), додека инсенсите го ширеле „мирисот на Истокот“. Ѕидовите ги краселе фотографии и цртежи на нивните учители, хиндуистички божества, чакри, јантри…

Ваквото пресликување на источниот амбиент и отсуството на адекватно прилагодување на новата средина и култура, која патем има своја историја, религиозна позадина, обичаи и усвоени општествени конвенции, кај многумина предизвикувало спротиставени чувства и реакции – од наивно одушевување до силна одбивност или потсмев во стилот „учете јога, кама сутра и зен, ако сакате да ја доживеете стотата“.

После почетната адаптација, во понатамошниот развој почнало интензивно ширење на јогата и масовно отворање центри во кои се обучуваале наставници. Ревносните „ученици“ се труделе да привлечат што повеќе нови следбеници, па на фотографиите од бројните семинари и средби се гледаат големи групи насмеани и озарени лица, меѓу кои и по некој познат лик од шоу-бизнисот. Често, сите се униформирани и носат иста облека, а во нивниот вокабулар доминираат зборовите енергија, љубов, светлина…

Следбениците постепено почнуваат да се бројат во стотици и илјадници, а некои „успешни учители“ имаат и милиони симпатизери. Честа појава во тоа време е и модерното „покрстување“ и „хиндуизација“, па така Лазар станува Кријананда, Петар – Анандананд, а Марија станува Парвати. Паралелно со овој тренд, почнува да цвета цела индустрија на производи поврзани со јогата – специјална облека, специјални подлоги за вежбање и разни предмети со отпечатени асани или други јогиски мотиви, лоти – садови за прочистување на носот, слики на мандали и чакри, инсенси, чаеви, касети со киртани…

Некои учители се „вклопуваат“ во новите средини и трендови, така што возат цесни и мотори, некои се чести гости во медиумите, а други отвораат сопствени ТВ канали, на кои се емитуваат нивните предавања и кажувања. Се создаваат „духовни“ империи, се организираат заеднички медитации за „спас“ на светот, па дури и „олимпијади“ со награди за најдобра изведба на асани. Конфузијата и „маглата“ што околу себе и јогата ја создавале некои учители, се причина за многу тажни приказни, разочарувања, манипулации и скандали. Многу од тие учители траеле „едно лето“, а на нивно место доаѓале нови, „поинтересни“.

Паралелно со оваа „бучна духовност“, како впрочем и во други феномени од овој вид, на пример, зенот и будизмот, секогаш имало и учители кои работејќи во тишина, на вистински заинтересираните ученици им ја пренесувале суштината на јогиското учење, која скриена зад формата, често е тешко препознатлива и разбирлива. Благодарение на нив, многу центри и институти почнале сериозно да го истражуваат дејствувањето на јогиските техники на човековото здравје; почнало издавање на сериозни списанија, книги и друга литература, односно создавање на вистинска култура за јогата во која човекот е човек без оглед на расата, полот или религиозната припадност; јога чие знаење и порака се универзални и безвременски и се базираат на длабокото познавање на човековата надворешна и внатрешна, суптилна природа.

Денес, како последица на сето она што се случувало во минатите децении, јогата наликува на духовна турлитава, во која се измешани чесните и нечесните, познавачите и дилетантите, наивните и манипулаторите… Како во Гита, од една страна на полето на јогата се Пандавите – поединци и институции кои со вистински познавања и со чесни намери ја истражуваат и ја пренесуваат јогата, а од друга страна се Кауравите – оние кои издаваат сертификати после обука од месец дена или обука преку интернет, се разбира за добар финансиски надомест; оние кои организираат јогиски олимпијади, патентираат асани и „нови“ форми на јога, кои обично ги носат нивните имиња.

Ова е време на самопрогласени учители кои преку социјалните мрежи ни објаснуват како да бидеме „најдобрата верзија од себе“; време во кое секојдневно се отвораат нови центри за јога и се регрутираат нови практиканти; време на инфлација на нови „учители“, време во кое се наближува денот кога ќе исчезне и последниот практикант, како последниот Мохиканец, и сите ќе бидат учители.

И сега се поставува прашањето, како во целата оваа збрка, некој кој е заинтересиран сериозно да практикува јога, може да најде учител? Прашањето е многу важно, особено поради фактот што многумина, меѓу нив и умни луѓе, влегувајќи на полето на јогата, од некоја чудна причина, како да го исклучуваат здравиот разум.

Како да најдеме учител?

Кога ќе почнеме да бараме учител, потребно е да знаеме што значи да се биде духовен учител, кои квалитети и знаење треба да ги поседува, каков треба да биде неговиот однос со ученикот, начинот на кој дејствува…

… Ако си подготвен да се вложиш себе и сета своја енергија и сè што имаш,
за да го видиш она што не се гледа во огледалото;

Ако си сосем сигурен дека некаде постои човек што може да ти помогне
да го подигнеш превезот од незнаење и да ја видиш вистинската реалност,
тогаш треба да почнеш да го бараш оној кого обично го нарекуваат Учител,
но мора да знаеш дека е исклучително тешко да го пронајдеш, и дека треба да се вооружиш со бескрајно трпение, претпазливост и здрав разум; 

Ако не ти е кристално јасно какви доблести треба да го красат и што можеш и што треба да очекуваш од Него, но и од себе, лесно можеш да потонеш во живиот песок на незнаењето…
– 48 Ako

Учителите, независно од нашите очекувања и претстави, меѓусебно се разликуваат не само по методот, туку и по начинот на кој подучуваат, што меѓу другото зависи и од нивото на нивната духовна зрелост. Во тој контекст претходно кажавме дека има учители кои сè уште не ја постигнале реализацијата и учители кои го реализирале своето себство, т.н. сатгуруа или реализирани, совршени учители.

Како и да е, пред да го прифати водството на учителот, ученикот треба добро да го запознае и да биде сигурен дека ги поседува неопходните етички квалитети, за да може да се потпре на него. Како што учителот одлучува дали ќе прифати некого за ученик, така и оној кој претендира да стане ученик, никогаш не смее да биде принудуван да прифати некого за учител, доколку во тоа не е сигурен. Тука се поставува „логичното“ прашање – како може некој, кој е на пониско ниво на духовен развој, да провери и процени друг, кој е поопитен од него? За жал, ова прашање често го користат квазиучители, како изговор, а со цел да го прикријат своето незнаење и слабости, криејќи се зад авторитетот на институцијата учител.

Во основа, прашањето повеќе е реторичко, зашто и покрај тоа што нема строги правила кои можат да му помогнат на ученикот да го процени и препознае вистинскиот учител, тој секогаш може да ги користи „тестовите“ со чија помош јасно се покажуваат вистинските квалитети и вредности на учителот.

… Ако трагајќи сретнеш учител од кого мислиш дека можеш да учиш,
не брзај со одлуката и прво внимателно набљудувај го неговото однесување и дејствување, и пред сè, гледај дали го живее она на што поучува;

Ако е опитен и ослободен од незнаењето, цврст и безкомпромисен во своите ставови кога е во прашање учењето;

Ако во дејствувањето не е под влијание на околината, со која не прави непотребни и проблематични компромиси;

Ако не е врзан за световното – моќ, слава, углед, богатство, удобности и уживања;

Ако е чесен, скромен, правичен, благ, но и строг кога е потребно; ако во радоста и тагата, пофалбите и критиките, озборувањата и лагите, останува мирен и урамнотежен;

Ако неговото разбирање на луѓето произлегува од познавањето на човековата сложена природа; 

Ако не прави суштинска разлика помеѓу „себе“ и „тебе“, „мое“ и „твое“,
и во секого – машкото и женското, детето и возрасниот, царот и питачот – ја гледа истата заедничка суштина, наспроти разликите во надворешното „пакување“;

Ако ги коригира учениците, а притоа не ги деформира;

Ако ги поттикнува на развивање на критичко размислување, наспроти лекомисленост и лековерност; 

Ако сè што бара од нив е бескомпромисно да се борат со своите слабости,
но истовремено и да развиваат љубов и разбирање за себе и за другите;

Ако не дозволува учениците кон него да градат култ на личност;

Ако неговите зборови се искрени и водени од љубов, разбирање, сочувство
и желба да се отстрани незнаењето;

Ако етичките принципи се основата од која дејствува, а грижата и внимателноста
никого да не повреди или навреди, се пример за тебе, те исполнуваат со сигурност
и ти даваат потстрек и сила;

Ако сретнаш ваков доблесен учител, кој е вистинска реткост, доколку те прими,
вложи ги сите свои сили и труди се да бидеш добар, посветен и достоен ученик, кој свесно и храбро ќе се соочува со проблемите и потешкотиите на својот пат, и со опасноста од можен пад, кој секому, па и на најдобрите може да им се случи во моменти на слабост или невнимание…
– 48 Ako