Дејствувањето на реализираните и нереализираните учители

Во обидот да најдеме учител, битно е да знаеме дека постојат разлики во начинот на кој дејствуваат реализираните и нереализираните учители.

Реализираниот учител постојано ја зрачи енергијата од највисоката состојба на свест во која се наоѓа и на тој начин му ги пренесува знаењето и мудроста на ученикот, придвижувајќи ја и забрзувајќи ја неговата духовна трансформација. Тоа секако не значи дека тој не го пренесува знаењето и во форма на интелектуална информација, како на пример, кога на ученикот му ги толкува скриените значења на старите текстови, отворајќи му ја на тој начин вратата кон повисоките увиди или кога му помага во разбирањето и надминувањето на замрсените психолошки конфигурации на неговиот ум.

Опишувајќи ја состојбата во која се наоѓа реализираниот учител, Рамана Махариши вели:

Бог, учителот и себството се едно исто… Учителот постојано престојува во најголемите длабочини на себството и никогаш не гледа суштинска разлика помеѓу себе и другите. Не е приврзан за погрешната идеја дека тој е просветлен и ослободен, за разлика од другите кои сè уште се заробени во темнината на незнаењето. Ништо не може да ја наруши неговата стабилност и постојаност.

Ваквиот учител ја реализирал својата идентичност со Бога, но самиот тоа не го изјавува бидејќи веќе го нема егото кое тоа би го потврдило. Неговите човечки карактеристики – телесни и карактерни, продолжуваат да постојат во надворешниот свет како инструмент на неговата манифестација и се разликуваат од другите реализирани учители. Исто така, бидејќи е вон сферата на дуалностите, тој не вели дека има ученици, или дека некој е негов ученик, за разлика од ученикот кој сè уште живее во заблудата на дуалноста и сè околу себе гледа како мноштво одвоено од него самиот.

Односот учител-ученик за него е стварен и нему му е потребна помошта од учителот кој ќе го разбуди за реалноста. Реализацијата на ученикот, освен во исклучително ретки случаи, е возможна само со помошта и милоста на учителот. Рамана Махариши за ова вели:

Реализацијата на ученикот е повеќе резултат на помошта и милоста на учителот, отколку на учењата, предавањата, медитациите… Тие се секундарни, а милоста на учителот е примарна и суштинска.

Тоа го потврдуваат и Упанишадите:

Никој освен учителот не може да му покаже на човекот како да излезе од џунглата на неговите сетилни и ментални перцепции.

Всушност, медитацијата и духовната практика генерално, имаат за цел да ја отстранат нашата идентификација со телото и умот. Кога ќе ја надминеме таа погрешна идеја, откриваме дека учителот не е надвор, и не е никој друг освен себството. Затоа, прифаќањето на ученикот да биде воден од учителот, не значи предавање на некој однадвор, туку е предавање на себството (на учителот) манифестирано во човечка форма. Ваквото предавање има за цел да му помогне на ученикот да го открие своето себство. За тоа Рамана Махариши вели:

Две работи треба да се направат – прво треба да се најде учител надвор, а потоа внатре.

За разлика од реализираниот учител, кај учителот кој не е целосно реализиран, во процесот на пренесувањето на знаењето сè уште се присутни и активно вклучени неговиот труд, воља и желба, а во литературата често се споменува и елементот на Божја милост, која го користи како проводница.

Дикша и упадеша – иницијација и упатство

Во Индија обично се вели: „Да се биде учител, значи да се врши дикша – иницијација, и да се дава упадеша – упатство за духовна практика. Тие се како двете страни од паричката – нема упатство без иницијација, како што ни иницијацијата нема смисла без упатства“.

Дикша обично се преведува како иницијација, подготовка или посветување и значи воведување на кандидатот за иден ученик во одреден духовен ред од страна на учителот. Дикша, како чин на иницијација, во индиската духовна традиција, има исклучителна важност за идниот ученик. Таа била присутна уште од најстарите времиња – периодот на Ведите. Низ времето, таа се менувала, па во периодот на Упанишадите подразбирала проверка на подготвеноста на кандидатот, неговите способности и склоности, за да биде прифатен од учителот. Ако тој проценел дека кандидатот ги има потребните квалитети, тој бил прифаќан.

Иницијацијата обично се одвивала во повеќе фази и опфаќала проверки на кандидатот: неговата предаденост на учителот, степенот на издржливост во духовниот напор, способноста за духовно задлабочување, нивото на посветеност и желба за знаење, познавање на битните сегменти на учењето, итн.

Понекогаш, кандидатот пред да биде инициран, требало да помине одреден временски период со учителот како искушеник. Традиционално, иницијацијата е чин, ритуал, во кој учителот му пренесува духовна енергија на идниот ученик со давање мантра, односно одреден збор, слог или стих, кој правилно изговорен и по одреден редослед, има посебна духовна моќ. Од своја страна, ученикот на учителот му дава симболични подароци, кои ја означуваат неговата подготвеност и прифаќање тој да го води на духовниот пат.

Во чинот на иницијација, ученикот добива ново име, кое симболично го означува неговото раѓање во духовната сфера и откажувањето од световниот живот, со цел да ја открие вистинската реалност. Од тој момент, учителот ја презема одговорноста за ученикот и неговиот напредок на патот на себеоткривањето. Токму затоа, на учителот во јога се гледа како на родител и се смета дека таа длабока духовна врска се протега низ многу животи.

Инаку, традиционалниот начин на иницијација не е секогаш правило, особено во случаите на реализираните учители, кои можат да го иницираат идниот ученик и на други, неконвенционални начини – со поглед, со допир, во тишина, па дури и во сон.

После иницијацијата – дикша, следи упадеша. Упадеша значи упатство, инструкција за духовната практика – садана. Коренот на зборот садана е сад и обично се преведува како „одење кон целта, постигнување или исполнување“. Во поширок контекст, садана е име за духовна практика во разни методи и учења кои водат до самореализацицја и ослободување од незнаењето. Методите и практиките се разликуваат во зависност од системот на кој му припаѓаат. Во контекстот на јога се мисли на некоја од нејзините основни форми – раџа, карма, џнана или бакти-јога.

Видот на саданата го одредува и креира учителот, во зависност од природата, карактерот, способностите и нивото на развој на ученикот. Таа се практикува по негови упатства и под негов надзор. Учителот го иницира – воведува ученикот во методот и го води во саданата – ги коригира грешките и ги отстранува евентуалните пречки.