Секвенци

Секвенци

СТЕВАН МИЛИЌ

Во нашето секојдневно живеење, многу од случувањата наликуваат на филмски секвенци, односно неколку кадри поврзани во целина. За жал, често не успеваме да ги поврземе секвенците во целина и затоа не можеме да извлечеме поуки од нив, па непотребно страдаме.

Чудно чудо

Животот е чудо, но ние сме уште поголемо чудо, зашто освен што се чудиме, главно не правиме ништо друго за да го разбереме тоа чудо. Со чесни исклучоци.

Интересна реклама

Кога во менито на еден рибен ресторан прочитав дека нивниот главен специјалитет е пинџурот, си помислив дека тоа мора да е шега на вештачката интелигенција. А можеби сепак станува збор за човечката…интелигенција.

Баба и внук

Не знам како се чувствувала една баба, кога нејзиниот мал внук и рекол: „Бабо, сега веќе не мораш да доаѓаш, имам вибер“, но искрено се надевам, дека сакал да и каже да не се заморува доаѓајќи кај него.

Култивирање

Почитувањето, разбирањето и сочуствителноста кон другите луѓе,  од реторичко ќе помине во вистинско, само ако правилно ја разбереме природата на егото и неговата улога во нашиот духовен развој и кога ке почнеме со негово внимателно култивирање.

Некогаш и сега

Во минатото, во големите племиња и царства, често постоеле совети  на старци, наречени мудреци или седи глави, кои одлучувале за најзначајните прашања во заедницата. Денес, во многу општества има слични совети, но за разлика од порано, сега во нив често седат старци, кои главно се само седи глави, а понекогаш и ќелави.

Двојни аршини

Кога ќе направиме нешто лошо, обично го молиме Бога и бараме прошка. Интересно е што кога блиските нешто ќе ни „згрешат“, за нив најчесто го немаме разбирањето, кое инаку со „право“ го бараме за себе. А уште поинтересно е што обично воопшто не ги регистрираме нашите двојни аршини.

Ураниум

Некои луѓе се како oсиромашениoт ураниум – сиромашни во духот, а токсични и опасни и за себе и за околината.

Лош, полош и најлош

Некои луѓе не знаат што треба да прават во животот, па не прават ништо. Некои не знаат што треба да прават, па го прават само тоа што ќе им се каже. Некои мислат дека знаат што треба да прават, па го прават тоа што го мислат. Некои знаат што треба да прават, но не го прават. Не знам кои се полоши, но ми се чини, дека тоа сепак се последните.

Злосторство и казна

Денес, поради загадениот воздух, екстремните жештини и студови, поради ветриштата, пожарите и поплавите од „библиски размери“, станавме затвореници во своите домови. Почнавме да ја отслужуваме затворската казна за злоделата кои ги извршивме врз оваа некогаш прекрасна планета и за кои во својата глупост и алчност мислевме дека ќе поминат неказнети.

Панаѓур на суети

Се почувствував малку непријатно, кога открив дека постепено станувам „зависник“ од Трамп и неговите генијални изјави. Имено, секој ден во агрегаторот на вести, со нетрпение очекувам да слушнам што кажал во изминатото деноноќие и што одговориле неговите колеги, подлизурковците од ЕУ.

Зависници

Кај зависниците од психоактивни супстанци, дрогата и алкохолот ја менуваат состојбата на свеста и тие не ги перципираат доволно сериозно последиците од нивното користење. Слично им се случува и на политичарите, кои зависни од други „психоактивни“ супстанци – моќ, власт, алчност, влијание – воопшто не ги перципираат последиците од нивното користење. Едноставно е непријатно да се гледаат тие возрасни луѓе во костуми, умислени и самобендисани, како толку бесрамно ги лажат луѓето. Тие луѓе на чиј грб и од чиј труд живеат. Затоа мислам дека оваа зависност, во однос на последиците е пострашна од другите, односно најстрашна.

Фатаморгана

Пред многу години, со еден пријател, пасиониран фотограф чии црно-бели фотографии многу ми се допаѓаа, се договоривме да направиме фотосесија, на која ќе  фотографира асани – телесни положби, за да видиме како ќе ги доживее и прикаже. Бидејќи јогата не му беше многу позната, го поканив да дојде на еден час и да ја набљудува изведбата на позициите, да ја почувствува атмосферата и евентуално да добие инспирација и замисла во која насока би можела да се развива идејата. После часот, меѓу останатите импресии, ме изненади неговата забелешка: „Како можат да бидат толку мирни и концентрирани и да не зборуваат час и половина?“ Во прв момент се изненадив и си помислив како сега да му објаснам дека, кај повеќето практиканти, зад тој „мир“ често се случува вистински метеж од мисли, поврзани со минатото и иднината; дека зад привидното „спокојство“ се одвиваат динамични движења во умот, понекогаш побучни и понапорни од надворешните; и дека зад затворените очи, времето поинаку тече, а свесноста за она што се случува во моментот ја има, па ја нема, се појавува, па исчезнува. Гледано од надвор, сликата често е вистинска фатаморгана.

Амнезија

Многу одамна, читав еден текст во кој учителот им го толкуваше учењето на своите ученици. Меѓу останатото, говорејќи им за дуалностите во овој релативен свет, им даде неколку примери – топло/ладно, светло/темно, вистина/лага, вечно/минливо, личност/себство… Кога го спомна знаењето, очекував дека ќе следи незнаење, но тој рече заборав, што ме зачуди. Всушност не разбрав што сакаше да каже, што е тоа што сме заборавиле? Дури подоцна,  откако почнав сериозно да се запознавам со јогиското учење, разбрав дека заборавот се однесува на нашата духовна суштина. Дека ние сме отелотворени духовни суштества, но под влијание и притисок на егото и на насобраните подсвесни тенденции кои не заробиле, сме го заборавиле нашето единство со Бога и сме се поистоветиле со нашето тело и со нашиот ум. Таа амнезија трае и трае и претставува главна причина за сите наши маки и страдања.

Забуна

Забележав дека кај многу практиканти, кои велат дека имале  искуство на состојба на длабок мир без мисли, често станува збор за еден вид летаргија, предизвикана од замор. Во таа состојба на граница на заспивање, не успеваме да ги забележиме таканаречените „тивки“ мисли и не сме свесни за суптилните движења во умот. Тоа е честа појава која и не е така страшна, ако не си умислиме дека имаме длабоко духовно искуство. Под тој привиден мир по кој пловиме е морето од самскари, кои само чекаат прилика да испливаат на површината на свеста. Постигнувањето на состојбата на смирен ум без бранувања на мислите, која се случува без агресивен напор и притисок, е резултат на редовната медитативна практика и претставува предуслов за свесен увид и откривање на содржините и случувањата во длабоките нивоа на умот.

Комодоре

На почетокот на 70-тите години од минатиот век, добив дигитрон, таканаречен научен калкулатор, од тогаш прочуената фирма Комодоре. Беше тоа напреден модел, со многу можности за извршување на сложени математички и статистички операции. Но јас, како „добар“ математичар, го користев главно за собирање, одземање, множење и делење.  

Ова ме потсетува на нас луѓето, кои меѓу ушите го имаме најсовршениот Комодоре, а го користиме главно за јадење и пиење, спиење, одбегнување на нештата кои ни се одбивни и за приврзување кон нештата кои ни се привлечни и во кои уживаме. Затоа и покрај тоа што го имаме најсовршениот модел, ние сме слаби во спиритуалната „математика“.

Четири мускетари 

Еден ден, седевме со сопругата во блиската пицерија. На околните маси имаше многу млади луѓе, весели и загледани во своите паметни телефони. Во еден момент, на масата до нас, забележав четири момчиња кои не гледаа во телефоните, туку разговараа со голема жар. Самиот факт дека разговараа и не гледаа во својата модерна технологија, ми го привлече вниманието, па почнав малку некултурно да ги слушам. Набргу разбрав дека зборуваат за универзумот и црните дупки. Кога тоа го слушнав, ме обзеде радост и задоволство за тие четири млади и умни луѓе. Сепак има надеж, си помислив.

Затворен ум

Во една прилика, зборував со еден хирург за напредокот на медицината во лекувањето на некои заболувања, кои порано се сметале за неизлечиви. Во текот на разговорот, ја споменав јогата како метод кој дава одлични резултати во превенцијата. На мое изненадување, тој помалку арогантно тоа го отфрли, велејќи дека медицината е единствениот начин. Не ми се допадна неговиот исклучив став, пред сè затоа што не знае ништо за јогата. Затоа го прашав: „Не знам на што се должи твојот став, но би сакал да ми кажеш што велеше медицината за некои работи пред 50 години, што вели за нив денес и што ќе вели за 50 години“. Се разбира дека немаше никаков одговор, само одмавнување со раката.

Сакав да му кажам дека свами Вивекананада, уште на крајот на 19-тиот век, рекол дека јогата и науката се две патеки до врвот на планината и дека еден ден сигурно таму ќе се сретнат.

Не се сомневам, дека умното  користење и комбинирање на древните знаења и современата медицина, ќе доведат до нови сознанија и напредок, се разбира со меѓусебно почитување.

Смер

Во комуникацијата со младите, чии размислувања и однесување понекогаш знаат да ја пренебрегнат староста и почитувањето кон возрасните, постарите знаат тоа да го искоментираат со добро познатото: „Сите одиме натаму“, мислејќи притоа на староста која секого го чека. Секако дека тоа е точно, но сепак мислам дека е уште поважно да се запрашаме како одиме натаму и кон што?