Секвенци

Текст: Секвенци | Автор: Стеван Милиќ

Надежта умира последна

Кога идните генерации ќе  го проучуваат нашето време, веројатно ќе го опишат како период на големи проблеми – климатски промени, еколошки катастрофи, уништување на планетата, враќање на студената војна – овој пат со повеќе актери, локални војни, урушување на демократијата, користење на технологијата за масовни манипулации, нееднаквост, здруженост на политиката и криминалот, политички картели и поделби. Не знам како ќе ги објаснат причините за ваквата состојба и какви ќе бидат нивните толкувања, но се надевам дека ќе разберат дека ние всушност сме имале само еден проблем – умот. Затоа и не сме можеле да сфатиме дека сите останати проблеми и неразбирања се содржани во него. Нашето дејствување несомнено ќе им укаже дека, пред сè, ни недостасувало познавање за тоа што всушност е умот, како функционира и како и на кој начин влијае на нашите животи. Веројатно ќе разберат, дека малкумина ја спознале духовната димензија зад умот, но за жал тоа не биле политичарите и властодршците. Тие кои требало да го потикнуваат и овозможуваат духовниот напредок и разбирањето дека сме отелотворени духовни суштества, всушност и самите биле неуки. Фатени во челичните канџи на незнаењето, изразено во форма на самоважност, самобендисаност, ароганција и потикнати од желбата за моќ, го воделе човештвото во духовно уназадување и затапување, до граница на самоуништување. Искрено посакувам и се надевам, дека поучени од нашето неразумно дејствување и она што им го оставивме во наследство, идните генерации ќе успеат да најдат сили и знаење да го направат она што ние не успеавме – да ги надминат незнаењето и колосалната глупост – двете нешта кои секогаш ја оставаат отворена опцијата за самоуништување.

Смисла во бесмисла 

„Ова е историјата на човекот: Раѓање, венчавање, смрт, раѓање, венчавање, смрт… Но тогаш, пред луѓето се појавува некој ‘лудак’, со своите чудни идеи, зборувајќи за еден поинаков свет, во кој неговите понапредни суштества, во своите сништа гледаат повеќе од раѓање, венчавање и смрт“.

Ова кажување на Халил Џубран, го прочитав во периодот кога го барав тој „лудак“ и неговиот поинаков свет. Неговите зборови ми дојдоа токму на време, кога се прашував, кои нешта за нас имаат вистинска важност и вредност, нешта за кои би можеле да кажеме дека се смислата на нашиот живот. Набљудувајќи околу себе, забележав дека за некои луѓе тоа се родителството, пријателството, професијата, науката, уметноста, за други смислата лежи во исполнувањето на должностите пропишани од општеството или заедницата, а трети ја наоѓаат во религијата, духовноста… Сходно на ова, размислував дали успехот во одредени аспекти од животот значи исполнување на смислата на животот или таков успех е само можност, скалило на патот кон повисока, поблагородна смисла и која е всушност таа? Како и да е, смислата на своето постоење ја пронаоѓаме самите или со помош на некој кој во тоа е опитен, иако има луѓе кои со тоа не се „замараат“ и се држат до добро познатото – раѓање, венчавање, смрт. Тие едноставно велат: „Тоа е животот“ и со тоа сè објаснуваат. Но, недостатокот на одговорите на вечните прашања не е така наивен и понекогаш предизвикува состојби на незадоволство, апатија, депресија, агресивност, цинизам, нихилизам или искривена перцепција.

Размислувањата за смислата на животот, освен во индивидуалниот внатрешен потенцијал, се разликуваат и во зависност од тоа дали некој е религиозен или атеист, дали ја застапува идејата за реинкарнација, дали верува во рај и пекол или е повеќе наклонет кон науката; колку смислата на нашето постоење зависи од културата на која и припаѓаме, од образованието, од времето и приликите во кои живееме.

Понекогаш, во некои животни околности, се случува да препознаеме дека нешто што дотогаш сме го сметале за смисла во животот, често ни било наметнато и не нè водело до прашањата кои тлеат во нас, прашања за кои сме помалку или повеќе свесни, а често и сосема несвесни – кои сме ние, од каде доаѓаме, каде одиме, за што се бориме, кон што ги насочуваме времето и енергијата?

И на крајот на краиштата, сосема е логично прашањето – чему сета  таа „фрка“ и збрка, кога знаеме дека на крајот сите, од царот до питачот, нè чека заминување од „сцената“ на животот, а не знаеме ни каде, ниту во што?

Што е тоа што нè тера да ја бараме смислата на животот?

Како вид, обдарен со самосвест, ние имаме исконска потреба да откриеме кои сме и зашто сме тука. Тој порив се манифестира во различни животни ситуации и со различен интензитет. Обично, иницијалната каписла за неговото будење се тешките животни околности, сериозни болести, здравствени проблеми, загуби на драги луѓе, катаклизми во природата и кризи во светот. Тие силно не туркаат кон преиспитување и соочување со незнаењето и бесмислата на дотогашниот начин на размислување и живеење. Во нас тогаш може да се разбуди силен порив, пламена желба, која нè потикнува на барање излез и често од корен ја менува перцепцијата и насоката на нашиот живот.

За таква пламена желба, говори приказната за Рионен, прочуената будистичка монахиња од 18. век. По смртта на царицата, со која била многу блиска, Рионен доживеала духовно будење, увидувајќи ја минливоста на овој свет. Почнала да го проучува зен-будизмот и сакала да стане монахиња. Но, поради нејзината младост и убавина, учителите не сакале да ја примат, плашејќи се дека ќе внесе немир кај другите ученици. Меѓутоа, нејизната желба била толку голема што решила да си го нагрди лицето со ужарено железо. Потоа била примена за ученичка.

Таквото силно будење е често кај поединци кои во минатиот живот веќе оделе по духовниот пат, па сега продолжуваат од таму каде што застанале.

Без суштинско себеспознавање, сите нешта кои на животот му давале смисла, со текот на времето бледнеат и стануваат помалку важни, па на крајот често сме во дилема, дали вредеше сето тоа што го правевме? Тоа особено е изразено со влегувањето во таканареченото зрело доба, кога годините почнуваат да натежнуваат. Тогаш често се навраќаме на минатото и се прашуваме, што беше сето тоа низ што поминавме и која беше смислата на сето тоа?

Ако имаме доволно силна желба, заинтересираност, метод како да бараме и малку среќа, постепено ќе почнеме да сфаќаме дека сè што во животот сме сметале за важно и за што сме мислеле дека има смисла и цел е вредно ако нè води до надминување на основното незнаење и до откривање на нашата духовна суштина, нашето Себство и единство со Бога, со универзумот. Во спротивно, сите нешта кои сме ги оствариле, сами за себе немаат трајна или суштинска вредност. Затоа, во духовните учења се инсистира на етичкиот кодекс и емпатичното дејствување, кои влијаат на создавање позитивни импресии – самскари. Тие во огромна мера го одредуваат нашиот нареден живот, односно ни овозможуваат подобра „стартна“ позиција и продолжување на потрагата по нашиот вистински, духовен идентитет.

Затоа, треба да бидеме крајно внимателни и да не дозволуваме различните животни (не)прилики и светкавите и површни дребулии со кои сме опкружени, да нè попречуваат и да нè оддалечуваат од вистинската смисла на животот. ⭕