Секвенци

Текст: Секвенци | Автор: Стеван Милиќ

Мали генијалци

Во Центарот, речиси две години, одржувавме часови за деца на возраст помеѓу седум и единаесет години. Тоа беше прилично компактна и редовна група, во која скоро сите петнаесет деца меѓусебно се познаваа и дружеа. Практиката со нив беше вистинско освежување. Покрај вежбите и програмата беше прилагодена на нивната возраст. Сакавме да создадеме можности самите да ги препознаат своите интересирања и да се изразат. Водени од таа идеја, одевме во кино, држевме заеднички час со децата од детскиот театар, го посетивме академскиот сликар Васко Ташковски во неговото ателје. Со помошта на ликовен уметник, децата се цртаа себе, славевме родендени, го украсувавме центарот за Нова година, разговаравме за нивните проблеми и нештата кои ги интересираа.

Може многу да се зборува за специфичниот начин на работа со овие мали генијалци, зашто приодот е многу поразличен од работата со возрасните и бара многу претпазливост, внимание и пред сè креативност, за да се задржи нивното внимание во обидот да ја разберат и прифатат јогата. Во тој контекст, немавме нереални очекувања дека тие ќе продолжат да практикуваат јога, зашто знаевме дека допрва ги очекуваат турбулентните тинејџерски години. Едноставно се надевавме дека во животните премрежја низ кои ќе поминуваат, некои од нив можеби ќе се сетат на јогата и ќе ѝ се вратат. Важно беше дека семето е посеано.

Во оваа прилика, сакам да споменам неколку симпатични ситуации кои говорат за нивниот едноставен и директен начин на комуницирање и доживување на светот околу нив.

ТОЧКА. На часовите, покрај вежбите за координација на телото и движењата, практикувавме и позиции за развивање на чувството за рамнотежа. На еден час вежбавме стоење на една нога. За да можат подобро да ја одржат рамнотежата, им реков да го фиксираат погледот на една точка на подот. Во првите моменти се движев меѓу нив за да им помогнам и потоа застанав да не ги деконцентрирам. Тогаш едно девојче, во чија близина застанав, сосема мирно ми дошепна: „Стево, ми стоиш на точката“. Се разбира, полн со разбирање, веднаш се тргнав…од точката.

МИТИНГ. Во една прилика додека опуштено разговаравме, ги прашав децата што им се допаѓа најмногу во програмата. Кога повеќето одговорија – она на крајот, мислејќи на релаксацијата, се сетив на еден час, кога при крајот на релаксацијата, во потполна тишина, едно девојче кое беше во првиот ред пред мене, тивко шепотејќи ме праша: „Стево, ќе одиш утре на митинг?“. Тоа беше време кога партиите често организираа митинзи на кои имаше големи гужви, скандирања, развиорени знамиња, со еден збор вистински хаос. Тогаш појасно сфатив колку се децата изморени и вознемирени од она што се случува околу нив. Се запрашав, како тие ги доживуваат овие случувања и какви траги тие оставаат во нивните умови.

РЕПЕР. Еден ден го посетивме академскиот сликар Васко Ташковски во неговото ателје. Како добри домаќини, тој и неговата сопруга не пречекаа со колачиња и сокови. Додека Васко им ги покажуваше  сликите и го објаснуваше неговото фантастично сликарство и начинот како слика, едно од децата замислено го праша: „Дали знаеш дa црташ луѓе?“. Васко, „фатен во небрано“, мораше да објасни дека на неговите слики од тој циклус, човечката фигура е само репер, за да се стекне чувство за димензиите во просторот. Кога се вративме во центарот, кај некои од децата ја видов силната импресија што на нив ги оставија сликите, боите…

И едно и друго

Говорејќи за интелектуалното и искуственото знаење, често правиме компарации во полза на искуственото. Како потврда на нашиот став, знаеме да го спомнеме примерот со тортата и да кажеме дека на долго и на широко можеме да ја опишуваме, но ако сакаме да го почувствуваме нејзиниот вкус, мораме да ја пробаме. Тоа е точно, но кога зборуваме за интелектуалното и искуственото знаење во рамки на јогата или во некое друго духовно учење, не би требало така лесно да паднеме во замка и да го потцениме интелектуалното знаење. На крајот на краиштата, ние сме почнале да практикуваме духовно учење како резултат на некакво размислување и анализа. Помошта на интелектот во подготовката за разбирањето на духовните искуства е драгоцена и многу важна, затоа што работите во оваа сфера, поради незнаењето, лесно се мешаат, па брзо стануваме жртви на најразлични заблуди. Но треба да се напомене, дека овде станува збор за интелект, односно ум, кој ги има квалитетите на критичкото размислување, ја има неопходната способност на вивека, јасното распознавање на важното од неважното и секако ум слободен од диктатот и стегите на егото. Тоа е ум кој не страда од „криза во анализа“ и кој може да остане мирен и стабилен пред нештата кои во тој момент не може да ги разбере, да има трпение и да ги остави за некоe друго време, кога ќе има повеќе знаење и искуство. Само таквиот ум е способен да ги разбере духовните искуства, кои понекогаш го надминуваат „вообичаеното“ разбирање. Може да се каже дека ова е правило, затоа што исклучоците, како во случајот на големиот учител Шри Рамакришна, кој бил неписмен, се многу ретки и не укажуваат на инфериорен интелект.

Во духовноста, рамнотежата помеѓу интелектуалното и искуственото знаење е неопходна, особено за нас западњаците. Во спротивно, лесно можеме да потонеме во матните води на заблудите и да се удавиме…духовно.

Реплика

Пред извесно време присуствував на средба на која еден наспроти друг седеа татко и син, мои пријатели. Ми падна во очи колку личат еден на друг. Синот изгледаше како реплика на неговиот татко кога беше млад и кого го знам уште од раните школски денови. Синот бликаше од енергија, а таткото подостарен и со малку засипнат глас, нежно се грижеше за внукот. Во тие моменти ми се причини како целата енергија на таткото да се прелеала во синот.

Оваа слика ме асоцираше на случка од животот на Свами Вивекананда. Еден ден, додека седеле сами во ашрамот, Шри Рамакришна, неговиот учител, го погледнал и влегол во самади, состојба на надсвест. Набргу потоа, Вивекананда почувствувал огромен прилив на суптилна сила и ја изгубил свеста за надворешниот свет. (Всушност, тука станува збор за пренос на духовна енергија од учителот на ученикот, наречен „шактипат“, кога вистинскиот учител може тоа да го стори на разни начини – со поглед, со допир, во сон…). Кога по некое време се вратил од оваа состојба, го видел учителот како тивко плаче. Шри Рамакришна тогаш му рекол: „Денес ти дадов сè од себе, целата моја духовна енергија и сега сум само сиромашен јогин кој не поседува ништо. Со оваа моќ, ќе направиш огромно добро во светот и нема да се вратиш, сè додека не ја оствариш твојата мисија“.

Како што кажал Шри Рамакришна, така и се случило. Свами Вивекананда, во рок од само неколку години ја пренел пораката на јогата на Запад. Поради неговата огромна енергија, го добил прекарот, „факел што гори од двата краја“. Откако ја извршил својата мисија, Свами Вивекананда се вратил во Индија и го напуштил овој свет, на 39-годишна возраст.

Редовност

Еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат курсистите по јога и покрај добрите резултати, е редовната практика. На часовите често разговаравме за овој проблем, кој со оглед на условите во кои живееме не е лесен. Се обидував да ги инспирирам и да им укажам на важноста на редовноста, во јогата наречена абјаса, но за волја на вистината, тоа не одеше лесно. Во една прилика разговарав со една млада, амбициозна жена. Имаше одговорна работа која многу ја исцрпуваше, па освен на часовите не успеваше и дома да ја практикува програмата. Ми објаснуваше и ме убедуваше дека нема време.  Размислувајќи како да ѝ кажам дека не е во право, како да ја мотивирам и како да допрам до неа, во еден момент се сетив дека има мало прекрасно синче од четири години, кое имав прилика да го запознам. Тогаш ја прашав: „Дали го сакаш детето?“ Ме погледна зачудено и ми одговори потврдно. Потоа ја прашав: „Дали го сакаш толку многу, што би направила сè за него?“ „Да“, ми одговори, потполно сигурна. „Па тогаш практикувај ја редовно програмата токму за него. Зашто ако вака продолжиш, за неколку години, кога најмногу ќе му требаш, нема да имаш што да му дадеш, освен својата слабост, нервоза и фрустрација.“ Изненадено ме погледна и се замисли.

Обично велиме дека сè би направиле за децата, но изгледа дека не е така. Изгледа дека овој изобличен начин на живеење, дури и во тоа нè попречува…За жал.

Барокна депонија

Обично не сакам да ги гледам политичките кампањи во предизборието, затоа што се монотони и безидејни, а кандидатите како папагали повторуваат што сè ќе направат ако бидат избрани. Всушност, ветуваат нешта што им стојат во описот на работните обврски и што се должни да го прават. За тоа плаќаме комуналии, а тие за таа работа редовно земаат плата. Впрочем, никогаш досега не сум слушнал политичарите да штрајкуваат, затоа што не добиле плата. Она што посебно ме „импресионира“ во кампањите е што многу од кандидатите во нивните настапи најчесто не знаат да кажат три реченици, без да читаат. Инаку кампањите главно се бесмислени, а понекогаш вокабуларот е толку грд и навредлив, што мислам дека пред нивното емитување е добро да стои предупредувањето: „Не се препорачува за деца под 16 години, без надзор на родител или старател“. Гледајќи некои од кандидатите како „уфирцани“ и со насмевка на лицето одат меѓу групи луѓе, кои исто така се убаво облечени и пресмеани, гледајќи како се поздравуваат со нив, визионерски загледани во светлата иднина, ми се чинеше како сето тоа да се случува во Швајцарија или во некоја развиена европска земја, а не во Македонија. Изгледа дека агенциите кои ги подготвуваат и ги советуваат кандидатите за настапите во кампањите, мислат дека луѓето на кои им се обраќаат и кои ги нарекуваат гласачко тело се малоумни. Бегло следејќи ја кампањата, забележав дека некои кандидати имаа подготвени компјутерски презентации, во кои главниот град, на моменти, изгледаше како рај во некоја блиска иднина. Бев трогнат од нивната футуристичка визија и веројатно под таа импресија, една ноќ сонив чуден сон. Одев  кон центарот на градот да се сретнам со пријателите. Небото беше сино, воздухот чист, тротоарите по кои се движеа многу млади и весели луѓе беа толку чисти, што не можеше да се види ниту пикавец. Имаше многу зеленило и шарени цвеќиња во убави жардињери. По улиците и булеварите речиси нечујно возеа електрични автобуси и од прекрасно уредените постојки со места за седење, ги собираа опуштените и насмеани граѓани…

Одеднаш слушнав некаков чуден звук и во миг сфатив дека алармот на часовникот грубо и немилосрдно ме извади од рајот и ме врати во реалноста. Станав и отидов до прозорецот да видам дали нешто се случило со насобраното ѓубре. За жал, сè беше исто. Контејнерите беа преполни, а мини депонијата околу нив беше малку поголема од вчера. Еден човек, две кучиња и неколку мачки и чавки заеднички претураа по ќесите. Фалеа само уште глувци и сликата ќе наликуваше на една сцена од „Носферату“, прочуениот филм на Вернер Херцог. Гротескната слика само ме потсети дека живеам во барокната депонија – Скопје, модел 2025.

Како секој совесен и загрижен граѓанин често размислувам зошто сето тоа се случува и како ваквата неприлична ситуација може да се надмине. Во тие размислувања во еден момент ми се роди идеја. Помислив дека би можеле ѓубрето да го собереме и да го ставиме во трите галии на Вардар и потоа да ги пуштиме низ реката. На некое место кое не е многу видливо, ѓубрето би можело да се исфрли. Всушност и не е многу важно каде ќе се исфрли, затоа што целата држава и онака е една голема депонија. И кога ми се причини дека ова не е лошо решение, ми дојде подобра идеја – да ги натовариме политичарите во галиите – во првата позицијата, во втората опозицијата и во третата корумпираната администрација и да ги пуштиме низ Вардар како пловечки театар. Па ако стигнат до Грција, можат во некој антички театар да ја изведат современата северномакедонска трагедија. Но за жал, во целата таа среќа што конечно најдов вистинско решение, во еден миг се сетив дека  галиите се распаѓаат и од нив остана само шут. Каква штета…

Карма – сарма

Понекогаш ми се чини дека некои важни аспекти од јогиското учење ги просудуваме на чуден начин. Така, на пример, не сум сигурен дали, колку и како го разбираме кармичкиот закон, односно концептот на акција и реакција, причинско-последичниот закон. Обично кога некому ќе му се случи нешто лошо, знаеме многу „умно“ да прокоментираме: „Таква му била кармата“ или нешто во смисла, „Ја плаќа кармата од минатото“ или „Во наредниот живот ќе се роди како животно или растение“. Изгледа дека мислиме како некаде на небото постои ентитет кој нè набљудува и за сите наши добрини и грешки ни исплаќа награда или нè казнува. Помалку или воопшто не размислуваме како ја создаваме кармата, зошто правиме грешки и како „плаќаме“ за нив. Дали имаме слободна волја или сè е веќе однапред решено?

Мене кармата ми наликува на растурена сарма. При подготовката на ова омилено традиционално јадење, во голем лонец ставаме ред кисела зелка, ред месо, ред сланина, па повторно ред зелка, месо и сланина, сè додека лонецот не се наполни. Во меѓувреме ставаме разни зачини и мирудии: сол, бибер, нане, буковец, лорбер…

На крај, сето тоа го ставаме да се готви на тивок оган, подолго време. Во зависност од квалитетот на основните состојки и мирудиите, како и од должината на подготовката, сармата ќе биде вкусна и хранлива или тешка за варење.  

Слично е и со кармата. Во лонецот (карма-ашаја), ги ставаме главните состојки – впечатоците, трагите во свеста (самскарите), желбите (васаните) и сеќавањата (смрити). За подобар квалитет, ги ставаме главните мирудии – јама – неповредувањето (ахимса), вистинољубивоста (сатја), некрадењето (астеја), контролата на сетилата (брамачарја) и отсуството на алчност (апариграха). За да направи добро јадење, главниот готвач, умот (антакарана), мора одлично да ги познава состојките и нивниот сооднос, како и процесот на подготовката, знаењето кое го добил од поискусниот  готвач (гуру). Со текот на времето, готвачот сфаќа дека квалитетот на сармата, освен од основните состојки и мирудии кои впрочем самиот ги бира, сепак најмногу зависи од него самиот и од сиот негов труд и претходни обиди. На крај, го сфаќа најважното – за кого ја подготвува сармата.