Текст: Секвенци | Автор: Стеван Милиќ
Хорор сништа
Кога гледаме и слушаме за насилства врз поединци, поголеми групи луѓе и цели народи, сочувствуваме со нив и често нè обземаат чувства на нелагодност, лутина, бес, страв… Но кога сонуваме такви насилства и кога тие ни се случуваат нам, макар и во сон, тогаш интензитетот на доживувањето е далеко посилен. И тогаш, кога ќе се разбудиме исплашени, испотени и со срцебиење, веднаш велиме: „Фала Богу што не е стварно“. Тоа е вистинско олеснување и набргу потоа заспиваме со „сонот на праведникот“. Но, за жал, вакви насилства и понатаму им се случуваат на многу луѓе ширум светот. Се прашувам, дали ваквите хорор сништа, можат да не разбудат од Сонот во кој се наоѓаме?
Демократија
Кога зборуваме за античката Грција, прво на што помислуваме се Сократ, Аристотел, Платон, помислуваме на Грција како лулка на западната култура и демократија. Нејзиниот придонес во развојот на западната цивилизација и целото човештво е огромен, но она што ме збунува е прашањето, за каков вид демократија станува збор во систем кој во голема мера се потпирал на робовската работа и во кој жените немале право на глас. Ми се чини дека ние буквално го преземавме тој демократски модел и со свои „иновации“ го подигнавме на „повисоко“ниво, на ниво на пародија, во која робовите не знаат дека се робови, а робовласниците мислат дека се од Бога дадени.
Здравје
Денес многу се зборува за големото аерозагадување и постојано се укажува на погубните последици по човековото здравје. Мислам дека, исто така, е важно, ако не и поважно, да се зборува повеќе за внатрешното загадување, за токсичните мисли и чувства, кои се погубни по нашето ментално здравје, а со тоа и на физичкото.
253,6
Познато е дека најголемиот непријател на човекот, и човештвото во целина, е неговото его, односно неговата опосно „болна“ варијанта, која предизвикува „халуцинации“, па човекот почнува да се чувствува посебен, најумен, најважен и уште многу нај, нај.., едноставно се чувствува одвоен од останатите луѓе. За жал, сè уште немаме универзален лек против разорното дејство на ваквото его. Затоа се служиме со „лекови“ кои ни се на располагање, но кои имаат ограничено дејство, зашто во меѓувреме многумина развиле толеранција на нив.
Еден од тие поуспешни „лекови“ делува на намалување на егото, предизвикувајќи состојба во која сфаќаме дека на планетата, како нас има 8 милијарди единки. Лекот помага да ги видиме нивните ликови само по една секунда, за да можеме да сфатиме дека не сме толку „посебни“ и „единствени“, како што мислиме. Проблемот кај овој лек, е што за постигнување на крајниот ефект, се потребни 253 години и 6 месеци, период во кој нема да јадеме, да пиеме, да спиеме или да правиме било што друго, освен да ги гледаме ликовите – секоја секунда по еден лик…
3,14
На роденденска забава, еден младич, математичар, слушнал како пријателите ословувале еден од гостите со Лудолф. Заинтересиран, бидејќи тоа е името на прочуениот математичар Лудолф ван Цојлен, кој го пресметал бројот пи – 3,14… до 35-тата децимала, му пришол и го прашал: „Се извинувам, слушнав дека другарите ве викаат Лудолф. Дали се бавите со математика?“ Неговиот „несуден“ колега, со насмевка му одговорил: „Не, тие се шегуваат со мене, зошто пред неколку месеци, додека возев, ме запре полиција и алкотестот покажа дека имам 3,14 промили алкохол во крвта“.
Понекогаш дури и сериозно лошите работи, „замотани“ во „црн хумор“, знаат да прозвучат полесно и посмешно.
Царот Ашока
Во богатата историја на Индија, еден од најинтересните ликови секако е царот Ашока, чиј чудесен живот ме поттикна на многу размислувања. Владеел во третиот век пред нашата ера и го обединил целиот индиски потконтинент. Бил суров и безмилосен, а власта ја одржувал со брутална сила, егзекуции и убиства. Но, во еден момент, после сите тие војни и дивјаштва, илјадниците убиени и раселени луѓе, почнале да го обземаат грижа на совест и чувства на вина и болка. Сакал да се промени, па иако тоа било ризично по неговото владеење, се свртел кон будизмот барајќи одговори. Зборовите на Буда, дека секој од нас е само патник на ова патешествие, како и пораката дека за силно, напредно и мирољубиво царство, треба да бидете великодушни и меѓу луѓето да негувате љубезност и сочувствителност, силно го потресле Ашока. Погоден од пораката на Буда, тој покајанието почнал да го бара не само од себе, туку и од своите блиски луѓе и поданиците. Го усвоил будистичкото учење, во чија основа е неповредувањето – ахимса и почнал да ја шири пораката. Наредил визијата за мир, ненасилство и единство да биде врежана во камени столбови, кои потоа биле разместени низ целото царство.
Иако многу би сакал, сепак мислам дека на денешните „цареви“ не може да им се случи ваква преобразба, од едноставна причина – за неа човекот мора да има висок внатрешен потенцијал и квалитет, за да може да види и да се покае и уште повеќе, да сака да се промени.
Еден напред, два назад
За време на престојот во едно туристичко место, имав можност низ прозорецот на собата да набљудувам како во близина на еден билборд, поставен на тротоарот на прометната улица, секојдневно се собираат по десетина луѓе. По нивната скромна облека и по најлонските кеси што ги носеа некои од нив, ми се причини дека станува збор за сиромашни луѓе. Обично некои шетаа горе-долу, некои зборуваа помеѓу себе, а некои едноставно седеа на блиските скали. Отпрвин не ми беше јасно што прават, но очигледно беше дека нешто чекаат. Глетката ме заинтересира, бидејќи секојдневно се повторуваше, па еден ден одлучив да останам и да набљудувам.
Во еден момент, на улицата запре едно возило и од него излезе човек. Луѓето се стрчаа кон него, а тој ги загледуваше и некои од нив нешто ги прашуваше. По неколку минути повика двајца од нив. Тие брзо влегоа во колата и заедно со човекот заминаа. Останатите видливо разочарани, останаа да чекаат. Тогаш сфатив дека станува збор за наемни работници кои чекаа некој да ги ангажира за некаква физичка работа. Целата таа глетка ме онерасположи, веројатно затоа што ме потсети на некои цртежи и слики од книги и сцени од филмови, во кои поединци за своите богати газди купуваа робови. Им ги допираа мускулите, ги прегледуваа нивните заби и очи и доколку беа задоволни, купуваа некои од нив.
Оваа случка ме потсети на кажувањето на грчкиот економист Јанис Варуфакис, кој во неговата книга „Технофеудализам: што го уби капитализмот“, вели дека денес веќе не живееме во капитализам, туку во нов, таканаречен дигитален феудализам. Во овој систем, технолошките гиганти како Amazon и Google, не заработуваат со производство, туку со извлекување рента преку контрола на податоците и вниманието на корисниците, а со тоа и на пазарот. Платформите се дигитални феудални поседи, корисниците се кметови кои создаваат вредности со своите профили а производителите се вазали, кои за добиените услуги плаќаат провизија и до 40%. Овој модел, кој е сè поприсутен во САД, ги забавува иновациите, ги зајакнува општествените разлики и ја ослабува демократијата, тврди Варуфакис.
Неговиот концепт, кој во секој случај поттикнува на размислување, заедно со сè поагресивното наметнување на вештачката интелигенција, за која хрватскиот социолог Крешимир Жажар вели дека е дел од сложениот мозаик од технолошки трансформации кои често се нарекуваат четврта индустриска револуција, ме натераа на размислување. Се запрашав дали општествата во својот развој поминуваат низ фази, слични на модните трендови, кои периодично се повторуваат и суштински не носат ништо ново, освен нова сценографија. Во контекст на теоријата на Варуфакис, а следејќи го процесот на враќањето на старите модни трендови, овој нов поредок веројатно ќе помине во нешто што ќе може да се нарече технoробовладетелство или дигитално ропство.
Што се однесува до нас и нашето балканско окружување, изгледа дека се наоѓаме во фаза на еден сиров и примитивен феудален систем, во кој политичките „елити“ заедно со олигархијата забрзано ја градат строгата хиерархиска структура (партиска) и ги обликуваат односите помеѓу новите сталежи, слични на оние во феудалните општества.
Поради ова, се чини дека нам допрва ни претстои пат до технофеудализмот, но познавајќи го менталитетот и начинот на кој со векови живееме и функционираме на овие простори, ние сме секогаш „пред времето“ и веќе „лизгаме“ директно во технороболовладетелскиот поредок. Во него функционираат мини државички – феуди, на чело со нивните големи „владетели“ и „визионери“. Веројатно така и ќе продолжиме да функционираме, сè додека не не освои некое од големите „царства“. Покрај нашата голема итрина и „памет“, изгледа дека тоа веќе почнува да се случува.
После сè, се прашувам зошто историјата на човештвото постојано сведочи за човековиот порив, на еден или на друг начин да ги потчини другите, за да може тој да живее во благосостојба за сметка на другите. До кога тоа ќе ни се случува, до кога ќе одиме чекор напред и два назад, ќе тапкаме во место или опасно ќе се приближуваме до самоуништување? Изгледа дека со овие прашања влегуваме во сферата на психопатологијата.
Затоа, денес е најважно да откриеме како да ја постигнеме состојбата на внатрешна рамнотежа и мир, од која произлегуваат љубовта и разбирањето за себе и за другите. Без нив не можеме да очекуваме никаков напредок како вид… А со ова, влегуваме во сферата на духовноста.
Oldtimer
Не сум претерано голем љубител на телевизијата, но има една емисија која ми е особено драга и редовно ја гледам. Се вика „Ќефалица“ и во неа деца на претшколска возраст го објаснуваат значењето на одредени поими. Нивните доживувања и видувања на нештата, искажани низ конкретното размислување, карактеристично за тоа ниво на развој, над сè, се симпатични, понекогаш наивни и смешни, но имаат посебна драж и привлечност. Овие мали „мудреци“ знаат да ги отсликаат нештата на искрен, директен и неоптоварен начин и да нè натераат нас, „големите“ мудреци, да се замислиме над себе и своите размислувања и постапки.
Во една епизода, децата требаше да објаснат што е и кој е пензионер. Следеа интересни одговори: пензионер е оној кого го боли грбот; ако на пензионерот нешто му падне, не може да го подигне; пензионерот прави што сака и кога сака; пензионерот нема друштво, има само син. Последниот одговор ме натера да се запрашам како би одговорил јас, кога би ми го поставиле истото прашање? Почнав да размислувам и сфатив дека во моите размисли се испреплетуваат две перспективи: првата, како општеството гледа на пензионерот и втората, како пензионерот се доживува себе и општеството?
Во едно послободно дефинирање, би можело да се каже дека пензионерот е човек, кој по завршувањето на својот работен век, се повлекува од активната работа и почнува да прима пензија. Додека работел, државата од неговите примања задржувала дел од средствата за здравствено и пензиско осигурување. Пензијата требало да му обезбеди да се одмори и да проживее мирен и спокоен живот, барем така требало да биде. Но времињата се менуваат, па денес во нашето „демократско“ општество пензионерот генерално е синоним за старост, изнемоштеност, болест и сиромаштија. Тој е некој што тешко врзува крај со крај, во периодот помеѓу двете пензии и на кого му е јасно дека не може да има очекувања и поддршка од државата; голем дел од пензијата тој ја троши на лекови и суплементи; пензионер е оној што ги помага децата и внуците од својата скромна пензија; тој е осамен човек, ако неговите деца, во потрага по подобар живот, заминале некаде во белиот свет. Во време на кризи и епидемии тој е ставен или во ранливата или во таканаречената ризична категорија на граѓани; пензионерите се најпогодната група за манипулации во предизборието.
Сето ова и уште многу други нешта, доволно говорат за односот на општеството кон нејзината највозрасна популација. Но како ваквата состојба се рефлектира на пензионерот? Како тој се доживува себеси, за што размислува и што го загрижува?
Пред сè, кај повеќето од нас, постои одреден страв од одењето во пензија. Одеднаш се наоѓаме во ситуација во која немаме структурирана шема на работни обврски и дневен распоред; тоа често предизвикува чувство дека веќе не сме корисни за општеството, дека веќе не сме важни; одеднаш целото време го имаме за себе, па се прашуваме што сега да правиме. Тогаш обично ги слушаме разговорите и трагичната формулација, која обично вели: „Мора нешто да се прави, да поминува времето“. Притоа, вообичаените опции се: читање книги, гледање серии и квизови на телевизија, играње карти и шах во парк со други пензионери, чување внуци, градинарство, решавање крстозбор или некое хоби.
Тоа е возраст во која се засилуваат стравовите од осаменост, болест и смрт, период кога бројот на луѓето со кои сме израснале и сме се дружеле, со кои сме добивале исто образование, сме слушале иста музика, сме читале исти книги и сме гледале исти филмови, полека се проретчува, па во еден момент се случува да станеме „последниот мохиканец“, кому дневната рутина постепено му станува заморен протокол. Тоа е возраст, во која можат на шега да нè наречат oldtimer или да ја чуеме песната, „Боље бити пијан него стар“, а ако во автобус, уморни побараме место за седење, може да ни се случи од некој нервозен тинејџер да чуеме коментар, „Па што излегуваш ако не можеш да стоиш“. Тоа е време во кое веќе тешко се снаоѓаме со најновите технолошки новини и кога често ги слушаме добро познатите и носталгични – „во наше време“ или „нашата генерација“. Тоа е возраст во која обично не можеме добро да спиеме и со страв се прашуваме, дали ќе има некој што ќе се грижи за нас кога ќе снемоштиме, или ќе мора да одиме во некоја установа, доколку имаме пари. Дали ќе дојдеме во ситуација да се измачуваме и да им бидеме товар на другите?
Секако дека не сме сите исти, па затоа досега кажаното не важи за сите пензионери. Но факт е, дека мал број луѓе ја прифаќаат реално оваа последна фаза од животот. Многу почеста е нејзината негација, па сакајќи да го докажеме спротивното, правиме нешта кои не им доликуваат на нашите години и на нашите „седи коси“, кои понекогаш ги фарбаме. Нешта кои сме ги правеле пред многу години, сакаме да ги правиме и сега, па често испаѓаме по малку трагикомични. Сакаме времето да застане, за да останеме вечно млади и „убави“, како Доријан Греј, главниот лик во прочуеното дело на Оскар Вајлд. Едноставно, наместо мудрост, бираме „добар“ изглед.
Се прашувам, дали оваа конфузија е универзална и дали била присутна во различни историски периоди и во различни култури. Како во нив се гледало на развојните фази низ кои човекот поминувал во текот на својот живот? Можеби браманската поделба на животниот век на припадниците на повисоката каста во древна Индија е интересен пример. Оваа поделба на четири периоди, таканаречени ашрами, можеби ќе не поттикне на размислување.
Брамачарја е првиот период или таканареченото младешко доба. Тоа е стадиум на ученик, во кој човекот често живеел во домот на својот духовен учител, кој го воведувал во знаењето запишано во светите текстови, како и во верските закони и ритуали. Ученикот се грижел за жртвениот оган, а храната ја добивал просејќи. Почитувањето на учителот и целибатот биле задолжителни и се подразбирале. Овој период бил посветен на учењето и на еден начин бил подготовка за обврските кои со себе ги носело зрелото животно доба.
Граста е вториот, таканаречен стадиум на домаќин или зрело доба. Сега од човекот се очекувало да формира семејство, да ги изведува верските ритуали и да избере звање кое е во согласност со законите на кастата на која и припаѓал. Воден од знаењето што го стекнал проучувајќи ги светите текстови, тој требало да работи за благосостојбата на семејството, но и за општеството во целина.
Ванапраста е третиот стадиум, таканаречен шумски талкач. Тоа е период по завршувањето на семејните обврски и активниот живот во семејството и општеството. Кога ќе се појавеле првите знаци на стареење, човекот можел да се повлече, сам или со сопругата, во осамено шумско пребивалиште, каде се посветувал на подлабоко проучување на светите текстови, на медитацијата и на извршувањето на верските ритуали. Живеел аскетски и физичката врска со сопругата се прекинувала.
Санјаса е период во кој човекот можел да ги прекине сите врски со општеството, да се откаже од сè што поседува, оставајки ја најпотребната облека и садот за храна, која ја добивал со просење. Можел да започне живот на аскет – талкач, бидејќи неговиот дом сега е целиот свет. Единственото нешто со кое неговиот ум е окупиран е осознавањето на врвната реалност.
Според Законикот на Ману, авторот на најстариот зборник на индиското право, кој датира од периодот помеѓу 2.век п.н.е. и 2. век н.е., само припадниците на браманската каста имале право на ваквата поделба. Членовите на пониските касти имале право на три или два степени од оваа поделба, а најниската каста само на еден: должности и обврски на домаќинот.
Споредбата на оваа поделба, со она што денес го живееме, секако не е можна, пред сè, поради огромниот временски јаз и културолошките разлики. Не е мое да го проценувам и коментирам кастинскиот систем, кој од денешна перспектива секако бил лимитирачки за припадниците на пониските касти, но мислам дека и во денешните развиени „демократии“ постојат касти, само што сега се нарекуваат со други називи. Сместени во различни сценографии, им пружаат различни можности на нивните припадници.
Додека размислував за кастинскиот систем, некои работи ми паѓаа во очи, пред сè, првиот стадиум, брамачарја. Во тој период, учителот постепено ги вградувал моралните и духовните принципи во фундаментите на личноста на ученикот. Тоа секако подоцна се рефлектирало на целиот негов живот, особено во крајниот период, кога благодарение на наученото и усвоеното знаење, знаел што и како треба да прави и на што да се посвети. Во нашите модерни општества, тој духовен фундамент, врз кој човекот се развива, за жал, е ставен во втор план или потполно недостасува, па затоа во староста, на крајот од животот, е присутна конфузија и чувство на бесмисла.
Без стремежот за осознавање на својата духовна суштина, човекот е оставен на милост и немилост на својот ум, на своето его и на своето незнаење и наликува на глуварче што лета на сите страни, носено од ветровите на желбите и потсвесните тенденции. Затоа, како и најниската каста во браманската поделба на четирите ашрами, најчесто остануваме само со должностите и обврските на домаќинот, дури и кога имаме можности за повеќе.
