Текст: Секвенци | Автор: Стеван Милиќ
Пеперутка
Животниот циклус на некои видови инсекти почнува со јајцето, од кое се развива ларвата, која потоа поминува низ стадиум на кукла, од која на крајот излегува прекрасната пеперутка. Ова ми наликува на нашите животи, односно фазите низ кои поминуваме во текот на развојот и созревањето, само што нам често ни се случува да заглавиме во стадиумот на куклата и никогаш да не станеме пеперутка.
Воз
Кога на едно патување стигнав на мојата дестинација, излегувајќи на перонот, забележав дека тука всушност е крајот на пругата. Во тој миг, низ умот ми помина мислата, нашите животи се како патување со воз. Во еден момент се качуваме во него, заедно со многу други луѓе и патуваме низ разни чудесни места и предели. Кога после некое време ќе стигнеме до „нашата“ станица, уморни од патувањето излегуваме од возот, заедно со големиот багаж и сувенирите кои попат сме ги купиле. После одредено време поминато во нашето одредиште, откако ќе ги средиме впечатоците и ќе ги завршиме обврските, повторно се качуваме во друг воз, со некои други луѓе. Понекогаш сместени во првата класа, понекогаш во втората, а неретко и во товарните вагони, патуваме низ нови предели и места и повторно излегуваме на некоја друга станица. И така постојано патуваме и патуваме, сè додека не стигнеме на крајното, вистинското одредиште. Тука, излегувајќи од „возот на животот“, без багаж и без карта за следно патување, сфаќаме дека сите наши патувања, всушност нè воделе до Него, до крајното одредиште.
Без коментар
Живееме во крајно поларизиран свет на апсурди и екстреми кои тешко успевам да ги разберам. Во тој свет, во кој се издвојува материјалната нерамнотежа, има безобразно богати милијардери и тешка сиротиња, која работи за дневница од 2-3 долари. Пред околу една година, слушнав дека некои стручњаци пресметале дека штетите во Украина, како последица на „специјалната операција“, се проценуваат на околу 400 милијарди долари. Не знам како ги правеле проценките, но кога тоа го слушнав, низ умот ми помина мислата: „Значи Илон Маск, ако сака, може самиот да ја обнови Украина“. Оваа мисла предизвика во мојот ум „верижна реакција“, во која прво се сетив на еден глумец во популарна хумористична серија, кој за една епизода од 20 минути добивал 1 милион долари, што значи дека за една минута добивал 50.000 долари или 833 долари за една секунда; а потоа се сетив и на еден спортист, кој за пет годишен договор со клубот инкасирал 250 милиони долари, што значи 50 милиони долари годишно или 4.166.666 долари месечно, односно дневно 138.888 долари. Всушност, кога ќе си легне, ако спие 8 часови, ќе се разбуди побогат за 46.296 долари.
Интересни се овие бројки и сигурен сум дека зад нив стои профитот но, исто така, сум сигурен дека не е здраво кога некој има толку многу пари. Не е добро ниту за него, ниту за тие околу него.
Сjaeње
Понекогаш, иако ретко, сретнуваме поединци за кои имаме чувство како да зрачат со некаква енергија, како да им светат очите, за кои често се вели дека се огледало на душата. Си помислив дека кај некои од тие луѓе, превезот исткаен од незнаењето и лошите особини што ја покриваат душата е толку тенок што таа може силно да сјае. Веројатно затоа во некои будистички текстови, Буда е опишан како „принцот на светлината“, а луѓето како „сончевото племе“.
Криенка
Понекогаш, додека слушам некого како зборува, гледајќи ги неговите очи, неговото лице, фацијалните екпресии и слушајќи ги зборовите кои ги изговара, ми се чини дека тоа се само движења на мускулатурата и вибрирање на гласните жици, а всушност се претходно се случува во умот кој не го гледам. Во тие моменти ми е потполно јасно зошто јогините велат дека телото е физичко продолжување, екстензија на умот, но во исто време се прашувам, колку често телото е само параван, зад кој умот знае вешто да се скрие.
Ко то тамо…пише
Кога после извесно време ќе ги препрочитам текстовите кои претходно сум ги напишал, често имам чувство како да ги напишал некој друг, особено ако се преведени. Размислувајќи зошто тоа ми се случува, сфатив дека во моментите додека пишувам, во состојбата на задлабоченост и потполна исклученост од случувањата околу мене, всушност тоа и „не сум јас“. Не сум оној кого го гледам во огледалото и кого го „знам“ од секојдневното функционирање. Веројатно поради тоа не знам како почетната идеја ќе се развива, до каде ќе одат размислувањата и во што на крајот ќе се вообличат. Затоа, во секојдневната вербална комуникација, често не можам да го искажам она што можам да го изразам низ процесот на пишувањето.
„Ин“
Пред многу години го посетив Париз, во кој се одржуваше Premiere Vision, саемот на модата. Поточно, тоа е комерцијално договорaње, на кое се дефинираат модните трендови за наредната година. Движејќи се низ халите во кои владееше голем метеж, на многубројните штандови гледав луѓе кои држеа презентации, дискутираа, разгледуваа мостри, материјали, тон карти, запишуваа нешто во своите папки, разменуваа проспекти, визит карти… Набљудувајќи ги си помислив: „Значи ова се луѓето кои диктираат и одлучуваат како ќе се облекуваме следната година“. Впрочем тоа се случува и во многу други аспекти од животот, во кои некои други луѓе одлучуваат што и како ќе се прави, а ние само треба да се прилагодиме и повинуваме на нивните идеи… ако сакаме да бидеме „ин“.
Барон Минхаузен
Ние сме робови на нашите умови и живееме во илузија. Всушност, умот е најголемиот измамник во човечката историја, на кого Баронот Минхаузен може да му „носи вода“. Неговата најголема и најуспешна лага, со која успева цело време многу вешто да нè манипулира, е да не убеди да мислиме дека сме слободни. После тоа сè е лесно…за него.
Пали, гаси
Една пријателка ми раскажа анегдота. Во вечерните часови се враќала со ќеркичката дома. Кога влегле во влезот, го запалила светлото и тргнале нагоре по скалите, зашто во зградата нема лифт. Додека се качувале, светлото се изгаснало и ќеркичката изненадена ја запрашала: „Мамо, кој го запали темното?“ Ова ме потсети на нас луѓето. Некои го „палат“ светлото и им носат на другите разбирање и радост, а други го „палат“ темното и носат со себе неразбирање, конфузија и страдање.
Господинот другар
„Бевме другари а живеевме како господа. Сега сме господа а живееме како другари.“ Оваа е горчливата вистина за она што денес се случува, а меѓу останатото е последица на она што се случуваше во не така далечното минато. После Втората светска војна, во Титовата Југославија, сите беа „исти“, од другарот Тито и другарот Лазо па надолу, сè до другарот Илија, другарот Кирил, другарката Благородна…Сите беа другари и живееја на бранот на идејата за еднаквоста, делејќи ги немаштијата и повоените тешкотии. Но набргу, некои „напредни“ црвени другари се трансформираа во црвена буржоазија и почнаа да живеат како господа. Останатите, задоволни од тоа што го имаат и „малку“ изманипулирани од црвената буржоазија, продолжуваа да ги живеат идеалите за кои се бореа. И кога по многу години, „другарската“ држава се распадна, добивме нова „сопствена“ држава во која станавме господа, но продолживме да живееме како другари.
Наравоучение: Внимавај на кого му веруваш, без оглед дали е другар или господин.
Неверојатен напредок
Во текот на својот развој како вид, отсекогаш сме биле повеќе или помалку деструктивни и кон себе и кон светот околу нас. Секогаш сме воделе војни, сме се бореле едни со други, сме се повредувале и убивале и не секогаш и не само за опстанок. Она што нè разликува од луѓето од тие минати времиња е што денес технолошки толку сме напреднале, што за разлика од нив, ние можеме целосно да се уништиме само за неколку часови или денови. Каков неверојатен напредок, вистински квантен скок…во црна дупка.
Избор
Во животот, од различни причини правиме погрешни избори и после тоа се каеме. Но, исто така, се каеме и за изборите кои не сме ги направиле, а сме сакале. Ако веќе се каеме, можеби сепак е подобро да се каеме за грешките, зошто од нив можеме нешто и да научиме, а ако не ги направиме изборите, цело време ќе се каеме и ќе се прашуваме каков би бил исходот од нив. И што е најтажно, со текот на времето, веројатно ќе почнеме да ги обвинуваме другите за тоа што не сме го направиле.
П.С. Сепак, треба да се има предвид дека има избори и избори, и грешки и грешки…
Заматени очила
Во нашиот ум постојано „вриe“ од мисли, некогаш повеќе, некогаш помалку. Кога се фокусираме на некој проблем, објект или процес и се обидуваме да откриеме и да дознаеме нешто повеќе за него, непотребните мисли често ја попречуваат нашата концентрација и анализа и како превез ја затскриваат неговата суштина. Тоа многу потсеќа на ситуација, во која сакаме нешто да видиме или да прочитаме низ валкани очила или кога низ двоглед, кој не зумира добро, објектите ги гледаме заматено. Ако сакаме да видиме, пред сè мораме да ги исчистиме очилата или да направиме точно зумирање со двогледот.
Слично и со нашиот ум. Ако тој не е смирен, фокусиран и прочистен од хаотичниот уплив на мислите, од субјективното мешање на егото, од влијанието на погрешните идеи, ставови, предрасуди и претстави за нештата, тешко ќе можеме да ги разбереме причините за физичките и психичките процеси и нивните последици. Затоа, смирениот ум е основниот предуслов за јасниот увид во суптилната димензија скриена зад манифестираните појави; а медитацијата е методот со кој можеме тоа да го постигнеме.
Доктор Џекил и мистер Хајд
Пред извесно време се сетив на филмот „Пеколен портокал“, од познатиот американски режисер Стенли Кјубрик. Насловот на филмот ме асоцираше на нашата планета, која како и портокалот има сосема тенка кора. На неа, без многу секирации, ние копаме, градиме, одгледуваме растенија, добиток… Живеејќи во голема илузија дека сето тоа е цврсто и трајно, забораваме дека под нас, под таа тенка кора, се наоѓа вистински пекол, океан од растопена лава што врие и која во секој момент, низ разорни мегавулкански ерупции, може да и стави крај на нашата цивилизација. И наместо да ги насочиме сите свои знаења и сили, во обиди да ги превенираме, колку што можеме, опасностите кои нè демнат од длабочините на планетата, но и од бескрајните пространства на универзумот, ние како разгалени палави деца си играме со оружјето. Заслепени од незнаењето и ситните лични интереси, си нанесуваме огромни штети и себеси и на планетата.
Всушност, човештвото функционира како да има сериозно психичко нарушување. Додека доктор Џекил дење создава прекрасни уметнички дела, доаѓа до научни сознанија, додека љубопитно истражува, открива, гради и напредува, додека се обидува да ја открие и разбере скриената состојба на материјата во средиштето на земјиното јадро, ноќе тој се претвора во мистер Хајд и се уништува. Најинтересното во сета оваа бесмисла е што „двајцата“ дејствуваат во исто време.
