Текст: Секвенци | Автор: Стеван Милиќ
Имаш пријател
Кога си тажен и вознемирен
И ти треба помош
И ништо, ништо не оди како што треба,
Затвори ги очите и помисли на мене
И наскоро ќе бидам таму
Да ти ја осветлам, дури и најтемната ноќ…
Ако небото над тебе
Потемни и се исполни со облаци
И стариот северен ветер почне да дува,
Остани смирен
И изговори го гласно моето име,
Наскоро ќе ме чуеш како тропам на твојата врата…
Нели е добро да знаеш дека имаш пријател,
Кога луѓето можат да бидат толку ладни,
Ќе те повредат и ќе те напуштат
И ќе ти ја земат душата ако им дозволиш.
О да, не им дозволувај,
Само изговори го моето име…
Овие стихови од песната „Имаш пријател“, која далечната 1971 година ја отпеа американската пејачка Керoл Кинг, ми беа омилени во адолесцентскиот период од животот, зашто некако се совпаѓаа со моите претстави за љубовта и пријателството. Пред извесно време, откако ја слушнав во еден музички времеплов, ми се вратија сеќавањата на тој период и на тогашните идеи.
Денес, од оваа временска дистанца и животните искуства низ кои поминав, во моето поимање на пријателството има размисли кои тогаш, па дури и подоцна, не беа во фокусот на моето внимание, иако сфатив дека пријателството е еден од најважните и најсуштествените односи во кои стапуваме со другите луѓе. Тоа ме поттикна да размислам што сè се случувало на тој план, од тогаш па до денес, бидејќи ми се причини дека на пријателството гледав како на нешто што се подразбира и се зема „здраво за готово“.
Почнав да се прашувам и преиспитувам за мотивите и потребите при склопувањето на пријателството, во зависност од возраста. Зошто во детството велиме „мојот другар“, а во подоцнежните фази во животот „мојот пријател“ и дали кога велиме другар или пријател мислиме на исто? Се прашував зошто многумина велат дека пријателствата од младоста се почисти и поискрени од оние остварени во подоцнежните години?
Овие прашања ме заинтригираа, па почнав да пребарувам по минатото, по детството и годините на школувањето и созревањето. Тогаш почнав појасно да увидувам колку на моите рани другарства влијаеле моите родители, односно домашното воспитување, потоа соседството и состојбата во општеството, изразена низ нормите на доброто и коректно однесување со другите луѓе. Затоа не сум сигурен дека другарствата, односно пријателствата од младоста се почисти од подоцнежните. Всушност, попрво би рекол дека тука станува збор за перцепција обоена со носталгија, за времето кога сме биле безгрижни. А таа безгрижност, која впрочем ни ја овозможувале другите, пред сè родителите, била повеќе израз на нашето неразбирање на нештата, на неискуство и наивност, карактеристични за таа возраст, кога сè е игра.
Ако го имаме предвид ставот на јогиското учење, дека детето не доаѓа на овој свет како „табула раза“, туку ги носи со себе сите искуства од претходните животи, кои можат да се активираат во одредени ситуации, а ние да не сме свесни за тоа, тогаш идејата за „чистотата“ станува уште попроблематична.
Инаку, во тој период, први другари ми беа децата од маалото и од одделението. Сè уште ги паметам нивните имиња и силната меѓусебна приврзаност, радоста на дружењето, возбудата во игрите и „борбите“ со децата од другото маало, како и големата тага кога, после земјотресот, морав да се разделам од нив.
Како што растев и станував „позрел“, пријателствата добиваа нови карактеристики. Во средното школо почнаа да се исцртуваат контурите на мојата претстава за она што подоцна го нарекувавме вистинско пријателство. Во таа претстава доминираше силно изразеното чувство на припадност на класот, кој патем личеше на мало „племе“ без поглавица, што посебно ми се допаѓаше. Инаку во класот имаше деца од разни националности и речиси сите доаѓавме од „добрата“ средна класа. Врзивното средство во нашите релации беа истите или сличните интересирања, најчесто поврзани со музиката, спортот, литературата, филмовите…
Иако не бев ученик за пример, се сеќавам дека одвај чекав да помине викендот, за да одам во школо и повторно да се видам со другарите. Беше тоа период на безгрижност, шеги и палавост, иако на адолесцентскиот хоризонт почнуваа да се појавуваат првите проблеми, како последица на слабото учење, па понекогаш не беше сè многу весело.
Она што денес би можел да кажам за тоа време е дека нашите пријателства ги карактеризираа меѓусебна приврзаност и чувство на заедништво, подготвеност некому да му се помогне а она што ми се чинеше многу важно беше рамноправноста. Секој имаше свои особености и квалитети. Не беше важно дали некој е одличен или не, дали игра добро баскет или не, дали повеќе ги сака Пинк Флојд или Цепелини, дали има „шангајки“ или „старки“, „рифле“ или „левиски“, беше важно да е добар и искрен другар. Мислам дека тоа беа основните квалитети на пријателството какво што тогаш го живеевме и какво што мислевме дека треба да биде. Всушност, тие квалитети беа подлога за идните релации во животот.
Но, за жал, на средното школо му се ближеше крајот и требаше да размислуваме на кој факултет ќе се запишеме. Ме растажуваше помислата дека ќе се разделиме и ќе тргнеме секој по својот пат, во нова непозната фаза во животот. Колку и да сакавме да се дружиме како порано, поради обврските, тоа стануваше сè потешко. Почнавме да влегуваме во светот на возрасните и „сериозните“, а средношколските денови постепено, но сигурно, стануваа сеќавање на кое често се навраќав.
Чувствував како општеството полека нè зема „под свое“, а работите почнуваа да стануваат предвидливи и „веќе видени“ – завршување на високото образование, вработување, брак, деца, семејство… Имавме сè повеќе обврски, а сè помалку време за себе и сето тоа најчесто одеше на сметка на пријателствата, за кои ни остануваше сè помалку енергија. Во целата таа животна бркотница што следеше, сè повеќе слушавме за болести, преселби, откази, нови вработувања, бракови, деца, разводи, па пријателствата се повеќе сè проретчуваа, некои се прекинуваа, некои се обновуваа, а на некои само одвреме-навреме се сеќававме.
Секако се случуваа и нови пријателства, повеќето таканаречени „договорени“ или професионални релации и помал број вистински, кои потоа стануваа важна потпора и сигурност во животните околности низ кои поминував.
Имаше и разочарувања, но научив да ги гледам како составен дел од секојдневните турбуленции кои нè менуваа, некогаш на добро, но често и на лошо. Како и да е, се сеќавам на некои матурски средби, на кои среќавав пријатели кои не сум ги видел и по неколку години. Ми се чинеше како да треба одново да се запознаваме и да видиме како животот нè „измоделирал“, не само физички.
Додека размислував за пријателството, во мојот ум се појавуваа многу други „зошто“ и „дали“:
- Зошто велиме дека има два вида пријателства, вистински и лажни?
- Зошто за некое старо пријателство велиме дека го издржало тестот на времето, а често го слушаме и кажувањето дека добриот пријател понекогаш ни е поблизок од роднина?
- Зошто некои пријателства траат цел живот, а други се прекинуваат?
- Колку пријателството, како динамичен однос, е подложно на внатрешни и надворешни влијанија?
- Дали можеме да имаме повеќе вистински пријатели?
- Дали денешните пријателства се разликуваат од пријателствата во минатото?
- Дали луѓе со различни ставови, идеологии, верска припадност, раса, сталеж, пол, сексуална ориентација, можат да бидат вистински пријатели?
- Дали пријателите можат да станат непријатели, а непријателите пријатели?
- Дали пријателството може да нè воздигне и да нè направи, како што денес милуваме да кажеме, „подобра верзија“ од себе или може да нè унижи и да биде причина за големо страдање?
- Дали обидот да се дефинира пријателството е тежок, пред сè, поради фактот што во пријателска врска влегуваме по свој слободен избор, со сите свои доблести, недостатоци, желби, очекувања, ставови и животни искуства; дали тоа значи дека освен општествените, има и многу индивидуални, личносни фактори кои влијаат на карактерот и квалитетот на пријателството?
- Зошто поединци, кои ја истражуваат психологијата на пријателството, велат дека многу наши ставови за моралот и социјалната правда ги стекнуваме низ другарувањата во детството и адолесценцијата и дали тоа значи дека создавањето пријателства или другарства од мали нозе е добар начин да научиме како да станеме етични и да разбереме што значи коректен однос?
- Колку искуствата во пријателските релации влијаат на нашите ставови и однесување во различни аспекти од животот – личниот, семејниот, општествениот, професионалниот, политичкиот, религиозниот?
- Дали човековото созревањето, кое е индивидуален процес во постојан развој, е причина зошто односот кон пријателството, како специфично искуство, може да биде многу променлив?
- Колку е важно да се разбере влијанието на општеството при воспоставувањето на пријателските релации ако знаеме дека во одредени култури и околности, пријателствата и релациите биле забранувани и анетемисани од „сериозни“ причини: различна религиозна или расна припадност, припадност на различни социјални сталежи или касти, идеолошки разлики, спротивставени страни во воени конфликти?
После сè, сфатив дека пријателството е тема „без крај“, па лесно може да се „изгубиме во преводот“. Сите мои обиди да дојдам до некаква, за мене задоволителна дефиниција на вистинското пријателство, ми се чинеа нецелосни, ако не ги земев предвид човековата променлива и често непредвидлива природа, како и турбулентните прилики во светот.
Се прашувам како и колку на пријателството влијае начинот на кој денес живееме и дали брзата комуникација преку социјалните мрежи и агресивниот уплив на вештачката интелигенција, ќе го отежнат вистинското пријателство, менувајки нè и крадејќи ни го времето и енергијата неопходни за неговото негување.
Времето ќе покаже кој ќе победи – човекот или технологијата. Би сакал да бидам оптимист, но…
Сите ние сме приказни за себе. Едни се екстраверти, а други интроверти. Некои се дружељубиви а некои се „волци самотници“. Некои се омилени во друштвото и имаат „милион“ пријатели, а други се повлечени, со пријатели кои можат да се избројат на прстите од едната рака. Некои се постојано нурнати меѓу луѓето, а други стојат на страна и набљудуваат.
Какви и да сме, сите имаме одредени искуства во однос на пријателството. Добро е да ги анализираме тие искуства и ставовите кои од нив произлегле, па ако тоа го направиме искрено и внимателно, можеби ќе откриеме нешто повеќе за себе, нешто што не сме го знаеле или сме мислеле дека е поинаку. Ако преиспитувањето ни оди тешко или во нешто не сме сигурни, можеме да повикаме пријател да ни помогне, под услов да е вистински и да го имаме.
Дали пријателството ќе биде мирно пристаниште или разбранувано море, бистра вода или жабокречина, напредок или стагнација и уназадување, слобода или затвор, зависи најмногу од нас самите. Ако во пријателството времето го „убиваме“ со бескрајно „умни“ муабети за политиката и спортот, „гарнирани“ со квази носталгични реминисценции за „нашето време“, тогаш пријателството ја губи смислата. Наместо да биде радост на заедничко дружење и откривање на загатките на нашиот внатрешен и надворешен свет и обид да се стекне уште некоја трошка разбирање и мудрост, пријателството постепено ќе почне да венее и умира.
Мислам дека во основата на секое вистинско пријателство е, или би требало да биде, сознанието дека секој човек е отелотворено духовно суштество и претставува една од осумте милијарди клетки на организмот наречен човештво. Затоа сметам дека е најважно да откриеме како дојдовме во ситуација да се чувствуваме одвоени од другите осум милијарди, од тој прекрасен организам чиј составен дел сме. Таа отуѓеност, е главната причина зашто не можеме да видиме дека во својата суштина пријателството е љубов, без оглед како ние го објаснуваме и го дефинираме.
