Во потрага по учител… и понатаму

СТЕВАН МИЛИЌ

Ние сме како брод во шише. Сосема несвесни дека сме херметички затвoрени во своето незнаење и егоизам, мислиме дека пловиме по океанот на животот. Всушност, само бесцелно се луламе на брановите на нашите мисли и чувства, носени од силните струи на желбите и потсвесните тенденции. Единствено духовниот учител може да нè извлече од тој привид, од таа илузија, за да можеме конечно да запловиме кон целта, кон своето себство, кон слободата…


Размислувајќи за важноста на односот помеѓу учителот и ученикот во јога, и потребата и смислата да се напише текст на оваа тема, се сетив на еден „учител“, кој коментирајќи нешто што напишал, гордо изјави: „Тоа се мои зборови“. Неговата изјава ме поттикна на размислување за потребата од овие текстови, начинот на кој се пишуваат и за кого всушност се наменети. На оние кои знаат, тие не им се потребни, а на оние кои не знаат дека не знаат, тие не им значат ништо. Заинтересирани се единствено оние кои знаат дека не знаат и сакаат да разберат и научат. Затоа, треба да се има на ум дека при проучувањето на јогата, како амалгам од теорија и практика, неопходни се личното искуство стекнато низ медитативната практика, како и проучувањето на нејзините основни филозофски постулати. Всушност, тие би требало идеално да се надополнуваат, за да ни овозможат појасно разбирање на содржините кои ги сочинуваат нејзините фундаменти, како што е на пример, темата учител-ученик. Од аспект на јогата, како заокружено духовно учење и метод, ми се чини дека може да се рече дека се е веќе кажано. Она што нам ни останува да направиме е да се обидеме, водени од личното искуство и со помош на кажувањата на големите учители, сето тоа правилно да го разбереме, протолкуваме и примениме, сместувајќи го во времето, просторот и културата во кои живееме.

Повеќето цитати во текстот, кои не се „мои зборови“, се кажувања на Рамана Махариши, еден од најголемите духовни учители на дваесетиот век, и на Џорџ Фоерштајн, познат индолог, ја имаат токму таа цел – да ни помогнат во одгатнувањето и разбирањето на пораките кои низ милениумите ни ги испраќа ова сложено учење, за да ги избегнеме замките на нашето ограничено знаење.

Препознавање на потребата од духовен учител

Станувајќи свесни дека нашето секојдневие повеќе наликува на месечарење низ животот, почнуваме да се прашуваме кои се причините за таквата недолична состојба. Барајќи ги одговорите, постепено почнуваме да сфаќаме дека тие всушност се директно или индиректно поврзани со суштинските теми на нашата егзистенција – Бог, универзум, себство, живот, смрт, радост, тага, страдање, слобода…

Ова сознание често е причина да посегнеме по духовна литература и самите да почнеме да ги бараме одговорите. И тогаш обично почнуваат проблемите. Соочени со различни учења и методи, со различни учители и нивните идеи, ставови, совети, колку повеќе читаме, толку повеќе се вплеткуваме и нештата ни стануваат уште понејасни и посложени, а незадоволството уште поголемо. Единствено добро во таа фрустрирачка состојба и чувство на безизлез е што обично во неа се случува препознавање и признавање на сопственото незнаење и немоќ, и се јавува сознанието дека ни е потребен опитен учител, да ни помогне да излеземе од нашата „внатрешна џунгла“.

Таа потреба всушност е почеток на долгото духовно патување. И тогаш почнуваат нови проблеми и нови прашања: како да го пронајдеме учителот; ако го сретнеме, како да препознаеме дека тој е вистинскиот и дека ги има потребните квалитети, знаење и одговори, за да бидеме сигурни дека можеме да се потпреме на него, да му веруваме и да му дозволиме да нè води.

Овие прашања откриваат дека при изборот на учителот ни се потребни базични познавања за јогата како филозофски систем и метод, за концептот на учителот, начинот како дејствува, како и за природата на неговиот однос со ученикот, но пред сè, потребно ни е многу здраворазумско расудување.

Ако разбирањето на улогата и важноста на учителот е корисно и потребно за сите кои практикуваат јога, дури и за „рекреативците“, тогаш за оние кои имаат повисоки аспирации тоа е неопходно. А можеби и не е така, зашто ние сме чудни и непредвидливи суштества, па не ретко „рекреативците“ стануваат сериозни практиканти, а „сериозните“ завршуваат како рекреативци. Размислувањето за оваа клучна содржина во јогата, и воопшто во духовноста, меѓу другото е важно и затоа што може да ни открие многу за нас самите и на тој начин да ни помогне да зачекориме во нашиот внатрешен свет, да се движиме низ него и да го истражуваме многу посигурно, побезбедно и со многу повеќе разбирање и почит.

Пренесувањето на знаењето од учителот на ученикот и нивниот меѓусебен однос се клучните содржини во јогиското учење, и тие треба добро да се анализираат и точно да се протолкуваат зашто, слободно може да се каже, дека се од животно значење за ученикот. Затоа, вреди да се обидеме, во рамки на своето искуство и со помош на литературата, да ја разбереме суштината на оваа тема, за која никогаш не е доволно да се размислува, говори, дискутира и пишува.

Како социјални суштества, во текот на животот стапуваме во различни форми на меѓучовечки односи – семејни, партнерски, пријателски, професионални, и сите имаат свое значење и важност во нашиот развој и созревање. Некои од овие релации се протегаат низ целиот живот, а некои траат одреден временски период и се случуваат во различни животни околности поврзани со одредена возраст и потреби. Во широката лепеза на овие односи, релацијата со духовниот учител се издвојува по својата комплексност и значење, се разбира, ако таа воопшто се случи.

За врската помеѓу учителот и ученикот се напишани најубавите страници на јогиската литература, кои сведочат за искрен однос прочистен од сите калкулации и комбинаторики, втемелен на сознанието за заедничката возвишена природа. Тие се запис за внатрешно патување исполнето со љубов и безрезервна поддршка, верба и потполна посветеност, почитување и благодарност. Но, овие инспиративни страници истовремено ја откриваат и потешката страна на патувањето – внатрешната борба, кризите и сомнежите, тешкотиите и разочарувањата, искушенијата, падовите…

Што е тоа што го иницира овој однос и го прави магично привлечен и важен за многу луѓе? За да дојдеме до одговор на ова прашање, мораме прво да ги разгледаме главните компоненти на оваа релација.

Овој, по многу нешта специфичен однос, го сочинуваат три компоненти: јогата како филозофски систем и духовен метод, учителот и ученикот. Јогиското учење за човековата внатрешна, невидлива природа е тешко разбирливо и достапно за оние кои немаат директно искуство за нештата за кои таа говори. Затоа нивото на разбирање на вредноста на ова древно учење го одредува пристапот и сериозноста во овој однос, во кој учителот е тој кој го поседува знаењето и искуството, а ученикот е оној кој сака да го стекне тоа знаење. Да проникнеме во суштината на односот учител-ученик, кој малкумина вистински го разбираат, потребно е да ја анализираме секоја од трите компоненти и на тој начин да дојдеме до моделот и начинот на кој знаењето треба да се пренесе на најдобар можен начин.

Преносот на духовното знаење е процес кој во различни култури и учења се среќава под различни имиња, но вообичаени се термините – учеништво, шегртување, служење…

Во продолжение на текстот ќе се обидеме да ги разгледаме и разјасниме нештата кои се поврзани со учителот и ученикот, како и делот кој се однесува на јогиското учење.

Дефиниција на духовен учител – гуру

Санскритскиот термин гуру се состои од слоговите „гу“ – темнина и „ру“ – отстранување, што би значело дека гуруто е оној кој што ја отстранува духовната темнина или темнината на незнаењето. Исто така, гуру се преведува и како „тежок“, во смисла дека тежи од знаење, и како таков е од пресудно значење за ученикот на неговиот духовен пат.

Терминот гуру, од аспект на духовна зрелост се користи во три случаи. Во првиот, означува индивидуа која не го постигнала крајното духовно достигнување, но слично на свештеник може да врши иницијација – дикша, и да дава инструкции во врска со практиката на одреден метод – упадеша. Тоа право обично е наследно и врзано е за припадниците на кастата на браманите. Таквата индивидуа, по зборовите на еден учител, е слична на семеен лекар кој се грижи за духовното здравје на членовите на семејството.

Во вториот случај, учителот е особа со поголемо духовно искуство, која е способна да води ученици во посложените практики од методот кој го поучува, се разбира, во склад со својот духовен напредок.

Во третиот случај, станува збор за индивидуа која го реализирала единството со Бог и тоа е вистинското значење на терминот гуру. Всушност таквиот гуру се нарекува сатгуру или реализиран духовен учител. Во продолжение на текстот, за гуру ќе го користиме терминот учител, а за гуруто кој ја реализирал својата духовна суштина ќе го користиме терминот реализиран учител. Интересни се кажувањата на оваа тема на Лакшмани Сарма, ученик на Рамана Махариши. Неговите кажувања ни даваат поширока слика и нови сознанија за секој сегмент од духовниот пат. Тој вели дека искуствата и доказите поврзани со нашата духовна суштина, генерално, потекнуваат од јогини, светци и мудреци – реализирани учители. Сведоштвата на јогините и светците, кои не го надминале во целост незнаењето се несигурни, за што сведочат разликите во нивните искуства и кажувања. За овие јогини, крајното достигнување е еден вид блажено постоење, во коe умот некако успева да преживее и да развие натприродни моќи – сидија. Тие обично се убедени дека умот е себството, дури и кога тоа го негираат.

Во однос на овие јогини, сведоштвата и доказите на светците се порелевантни, иако и тие меѓусебно знаат да се разликуваат, во зависност од нивната духовна зрелост. Сепак доказите на светците се поточни, зашто тие се поблиску до нивото на реализираните учители. За жал, и помеѓу светците, како и помеѓу јогините, има поединци чии карактерни слабости и лоши склоности им ги попречуват вистинските увиди. Затоа, прочуениот филозоф Шанкара, во своето дело Вивека чудамани, вели: 

Визијата на вистината која ја стекнуваат оние што не се реализирани учители, има тенденција да биде искривена со вплеткување на умот.

Единствено доказите и сведоштвата на реализираните учители не си противречат, зашто сите тие се едно. За нив умот е само посуптилно тело, а идејата дека тој е себството, всушност, е само еден вид и израз на основното незнаење.

Но, да се навратиме на првичната дефиниција за гуруто, и да се обидеме да го разбереме подобро и посеопфатно неговото дејствување.

Какво незнаење отстранува учителот?

Бидејќи во дефиницијата се вели дека гуруто е оној што ја отстранува темнината на незнаењето, потребно е прво да дознаеме за каква форма на незнаење станува збор и какви последици тоа има врз нашите животи.

Во јогата за незнаењето се користи терминот авидја, кој истовремено значи и отсуство на вистинското знаење. Во филозофијата на Самкја, авидја подразбира отсуство на знаење за вистинската природа на душата – Пуруша, а во класичната јога на Патанџали, авидја е една од клешите – причините за човековото страдање и има значење на болка, мака, пречка, заблуда… Некои коментатори на Јогиските сутри, авидјата ја сметаат и за одреден вид знаење, кое е во спротивност со вистинското знаење. Авидја, непознавање на нашата вистинска суштина – себството, и неговото поистоветување со телото и умот е т.н. првобитно или основно незнаење. Од него понатаму се развива и се шири севкупното наше незнаење кое нè „поробува“ и нè води во страдање. За ова незнаење слично се говори и во еден будистички текст:

…Зад овој круг на раѓања и умирања, постои егзистенција ослободена од стареење, страдање и смрт. Таа егзистенција е т.н. неусловена егзистенција. Нејзиното директно искуство е возможно само после долга духовна практика. Сè дотогаш за неа не знаеме ништо, освен информацијата дека постои. Нашата неспособност да го увидиме постоењето на оваа неусловена егзистенција се нарекува основно незнаење и тоа е во коренот на сите наши страдања. Ова незнаење нè тера да ја бараме среќата во овој минлив свет. Кога ова незнаење ќе исчезне, со него исчезнува и страдањето…

Ова незнаење всушност е неувидување на заблудата која минливото – анитја, го смета за трајно, нечистото – ашучи, за чисто, болното – дукха, за пријатно, и несебството – анатман, за себство – атман. Човекот со кого владее авидјата, нестварното го смета за стварно, а единството на оној што осознава, самото осознавање и објектот на осознавањето ги смета за засебни нешта.

Ова незнаење е причина за нашето страдање и затоа Буда рекол: „Ние самите си нанесуваме болка, никој на тоа не нè присилува“. Патанџали на сличен начин објаснува дека авидјата е основата, коренот од кој се развиваат останатите причини за страдање:

  • асмита, погрешната претстава за себе, е резултат на поистоветување на душата (која увидува), со средството, инструментот за увидување (умот и сетилата); тоа поистоветување е свест за постоењето на „јас“ – асмита, или ахамкара (егото) во Веданта;
  • рага е страст или копнеж кој предизвикува врзаност за уживање или објект кој тоа уживање го овозможува и се заснова на претходното искуство на уживање и сеќавањето на него;
  • двеша, одбивност или гадење е предизвикана од сеќавање на доживеаната болка и на објектот кој таа болка ја предизвикал; двеша всушност е рага во негативна смисла и со неа создава пар на спротивности;
  • абинивеша е вродена врзаност за животот на која и подлегнуваат дури и мудрите луѓе; во секое суштество постои копнеж, односно желба животот да трае; тој копнеж не може да се појави кај некој што не поминал низ искуството на смрт. Тоа искуство на смрт и стравот од неа, заедно со похрането искуство на минатиот живот, кое не е на свесно ниво, се причини за врзување за животот.

Во услови на авидја, сликата што ја имаме за себе, најчесто е фрагментирана мешавина од малку вистини, повеќе полувистини и многу грешки, и затоа ни е тешко да ја видиме вистинската слика. Единствено човек чиј ум е прочистен и урамнотежен и кој има квалитет и капацитет да функционира на високо ниво, таму каде егото не е „наредбодавецот“, а човековата особеност и карактер не ги пребојуваат сознанијата до кои доаѓа, може да осознае дека претставите што ги имаме за себе и за некои клучни нешта во нашите животи се нецелосни.

Една од тие претстави се однесува на нашата идеја за болката. Ако незнаењето, кое во нас создава конфузија и предизвикува страдање и болка, не го помати нашето расудување и ако успееме да ја разбереме, болката може да ни помогне да ги видиме нештата од друг агол, да ги почувствуваме и доживееме со друг интензитет и да дојдеме до вредни сознанија во нашата „епска борба“ против незнаењето. Затоа Душко Трифуновиќ вели: „Не треба ми веќа школа од мог бола“ („Не ми треба поголемо школо од мојата болка“). За слично видување на болката ни говори и Халил Џубран:

Вашата болка е кршење на лушпата што го затвора вашето разбирање.
Како што лушпата на плодот мора да се скрши за да излезе јатката на виделина,
така и вие морате да ја запознаете болката.
И ако срцето ваше успее да се восхитува на секојдневните чуда на животот,
вашата болка нема да ви се чини помалку чудесна од вашата радост.