Карма

Значењето на терминот карма е дејствување. Карма стана дел од секојдневниот речник, иако најчесто се употребува во погрешна конотација, означувајќи судбина, усуд, фатум, казна… Во индиската филозофија кармата е поврзана со кармичкиот, односно причинско-последичниот закон, како резултат на одредено дејствување. Кармата има значење и на каузален закон на космичките случувања во бескрајната низа на создавања и пропаѓања и се темели на идејата дека тој го одржува универзалниот ред.

На индивидуално ниво, на кармата се гледа како на закон на морална ретрибуција, кој се базира на тврдењето за непрекинатиот континуитет на душата во постојаниот круг на раѓања и умирања. Кога се вели повторни раѓања, се мисли на условите во кои ќе се случи раѓањето, местото, семејството, должината на животот, содржините со кои ќе биде исполнет и сл. Тие ќе бидат условени од кармата, односно од карактерот на нашето дејствување во минатите животи. Добрите дела создаваат поволни услови во кои ќе се одвива нашиот живот, а лошите дела за последица имаат лоши услови. 

Постои индивидуална и колективна карма. Индивидуалната карма подразбира збир на сите човекови дејствувања и желби во сегашниот и во минатите животи. Бидејќи станува збор за огромен број дејствија, последиците од нив не можат да се изразат во една инкарнација, во еден живот, од едноставна причина што во еден живот нема услови сите тие да „узреат“ и да се манифестираат. Се активира само одреден број, а останатите остануваат во латентна состојба во „магацинот“ на кармата – карма-ашаја, чекајќи погодни услови да се изразат. Откако ќе се активираат, тие стануваат причина за нови животи и ќе влијаат на нивните текови. На тој начин кармата, односно кармичкиот закон, ја „врзува“ душата за бескрајниот круг на раѓања и умирања. Во однос на „дозревањето“ на кармата и нејзиното активирање се разликуваат три вида карми: прарабда, санчита и агами.

Прарабда е активна карма која дозрева и дејствува во сегашниот живот, како последица на делата извршени во минатото. Овој дел од кармата е одреден на почетокот на секој живот. Санчита е натрупаната карма која е последица на желбите и дејствувањето во минатото. Последиците од оваа карма ќе се активираат во некој од наредните животи кога ќе се создадат услови тие да дозреат и да дадат плод. Агами е кармата која се создава и собира секојдневно, во сегашниот живот, а последиците можат да се манифестираат и да се почувствуваат веднаш или во некој иден живот. 

Ако кармата, како последица на нашите дела во минатото, дозреала и станала активна, ништо не може да ја сопре, таа мора да се искуси. Но, би било погрешно да мислиме дека на планот на кармата сме потполно беспомошни и дека сè што ни се случува е веќе предодредено, зашто тоа е само делумно точно.

Јогинот може да влијае на натрупаната карма и да направи да не дејствува, развивајќи мудрост и метафизичко знаење. И уште повеќе, кармата која се собира во тековниот живот, може да ја стави под целосна контрола и да го запре нејзиното создавање. Кога јогинот ќе ја достигне состојбата на просветлување – самади, тој може да го забрза зреењето на активната карма, а натрупаната да ја направи неактивна – неделотворна. Развивајќи го квалитетот на неврзување – ваирагја, јогинот постигнува состојба во која и понатаму дејствува, но веќе не создава карма. Натрупаната карма може да ја направи неделотворна, отстранувајќи од својот живот сè што би можело да ја одржува. Таквата карма веќе не може да дава плодови. Дури со постигнувањето на највисоката состојба на самади, кармичкиот закон веќе не влијае на јогинот.

Во врска со кармата која ја создаваме со своето дејствување постои традиционална поделба на четири вида:

  • црна – кришна, или неповолна карма која ја карактеризираат лоши, неетички дела;
  • и црна и бела – кришна/шукла е карма која е создадена од дела изведени со надворешни средства, кои предизвикуваат кај другите луѓе состојби на страдање или среќа. Таа се натрупува во магацинот на кармата;
  • бела – шукла е карма што ја создава човек кој доследно ги следи јогиските етички принципи и правила на однесување – јама и нијама, и практикува сосредоточување на умот. Всушност во ваквото дејствување ја препознаваме духовната практика на јогинот, која не е поврзана и не се извршува со надворешни средства. Таа кај другите луѓе не предизвикува ни болка ниту радост;
  • ни црна, ни бела – акришна/ашукла е карма која ја создава човек повлечен од световниот живот, кој ги поништил причините за страдање – клешите, и ја живее својата последна инкарнација.

Карма-ашаја

Карма-ашаја некогаш се преведува како „остава“ или „магацин“ на кармата, што асоцира на некакво место или простор. Всушност карма-ашаја е процес на натрупување на последиците од нашето дејствување и нивното влијание во создавањето на кармата. Карма-ашаја има корен во клешите – сè додека тие опстојуваат, постои и карма-ашаја, и нејзиното созревање – випака, во форма на раѓање – дати, должина на траење на животот – аџус, како и искуствата во тој живот – бога.

Карма-ашаја може да дава плодови во сегашниот или во идниот живот. Натрупувањето на последиците од нашето дејствување, кои влијаат на создавањето на кармата, трае со години. Но, нејзиното зреење не е сигурно, затоа што таа може да дозрева во сегашниот или во некој иден живот. Дозревањето во тековниот живот може да биде во форма на уживање или болка, и зависи од карактерот на делата во минатото – дали биле добри или лоши. Искуствата на задоволство и болка се резултат на оној дел од карма-ашајата, кој станал активен во тековниот живот, и се нарекува прарабда.

Кога ќе се доближи времето на смртта, заспаните карми, чие зреење е сигурно, како целина предизвикуваат смрт. Станувајќи активни, тие се причина за повторното раѓање, влијаејќи притоа на неговите особености – вид, траење и искуства. Делот на карма-ашајата, наречен прарабда е активен за времетраење на еден живот. Кога се во состојба на зреење, карма-ашајите го предизвикуваат будењето на самскарите – потсвесните тенденции, кои се во латентна форма во свеста – чита, и дејствуваат низ повеќе животи.

Самсара – да тече

Терминот самсара има две значења. На космички план, самсара го означува непрекинатиот кружен тек на случувања и појави во светот на постојани промени. На индивидуално ниво, самсара подразбира безбројни раѓања, умирања и повторни раѓања, условени од кармата, која е движечка сила во овој процес. Таа е во тесна врска со идејата за универзална болка и страдање – дукха.

Самкја, причината за самсара ја гледа во неразликувањето на духот од материјата – пуруша од пракрити. Ова незнаење – авидја, се пренесува од живот во живот, со посредство на суптилното тело – сукшма-шарира. Имено, тоа останува недопрено по дезинтеграцијата на физичкото тело после смртта, и се сели, се инкарнира во друго грубо тело – штула-шарира. Суптилното тело е основа на повторните отелотворувања и претставува носител на идентитетот на личноста во  бескрајната низа на раѓања.

Страдањето во самсарата е последица на незнаењето – авидја, и на кармата, односно на дејствувањето на кармичкиот закон, според кој секое дејствување и искуство во текот на животот остава траги во форма на впечатоци – самскари и тежненија и желби – васани. Суптилното тело ги задржува тие траги во текот на повторните раѓања, кои заедно со севкупното кармичко наследство, се причина за вечното враќање во самсарата и ја условуваат формата на животот во следните инкарнации. Суптилното тело трае колку што трае и светот, освен кај малкумина кои го постигнале ослободувањето. Распаѓањето на светот – пралаја, не ги уништува суптилните тела и тие, по неговото повторно создавање, го продолжуваат својот пат.

Главното тежнение и цел во самкја и јога е да се избегне самсарата, со сите нејзини страдања и незнаење. Бидејќи спојот на духот и материјата, пуруша и пракрити, е причина за самсарата, ослободувањето се постигнува со раздвојување и согледување на разликата помеѓу нив. За самкја, средствата за ослободување се сознанието и увидот, а во јогата на Патанџали, тоа се личниот активен напор и усовршувањето на духовната сосредоточеност во највисока состојба на самади.

Каивалја – ослободување 

Во самкја и класичната јога терминот каивалја значи ослободување од самсарата – вечниот круг на раѓања и умирања, за која се вели дека претставува вечно обновување на страдањето. Како синоним за каивалја се користат и термините мокша и мукти.

Со терминот каивалја, Патанџали ја означува крајната цел на јогата, односно конечната слобода на душата – пуруша. Пуруша го достигнува ослободувањето со одвојувањето од материјата – пракрити, преку спознавањето на својата вистинска природа. Неразбирањето на вистинската природа на душата е резултат на незнаењето, а до нејзино препознавање се доаѓа со отстранување на незнаењето и останатите причини за страдање – клеши, како и на самскарите – потсвесните тенденции и васаните – желбите. Тоа се постигнува низ врвен дискриминативен увид – вивека-кјати, кога се случува запирање на сите бранувања во свеста – чита врити нирода, кога свеста е прочистена.


Можете да бидете слободни дури откако самиот копнеж за потрага по слободата ќе стане ваше секојдневно дејствување и кога ќе престанете да зборувате за слободата како за цел и исполнување. Ќе бидете вистински слободни тогаш кога вашите денови нема да бидат без грижи, ниту вашите ноќи без тешкотии и болка. Поправо ќе бидете слободни, откако тие ќе го исполнат вашиот живот, а вие сепак ќе се издигнете над нив, разголени и неврзани. – Халил Џубран